1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународните набљудувачи со позитивна оценка за изборите во Македонија

6 април 2009

Вториот круг на претседателските и локални избори во Македонија ги исполни повеќето меѓународни стандарди и беше подобар од првиот круг, но и покрај тоа остануваат одредени предизвици, оценка на ОБСЕ и ОДИХР.

https://p.dw.com/p/HRM7
Сепак има простор за подобрување, велат набљудувачитеФотографија: AP

Вториот круг од претседателските и локални избори, одржан на 5.04.2009 година ги исполни заложбите и стандардите на ОБСЕ и Советот на Европа за демократски избори, иако некои од проблемите кои беа идентификувани во првиот круг, вклучително и веродостојни известувања за заплашување, продолжуваат да создаваат растечка загриженост. Ова е оценката на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР, изнесена на прес конференција.

Stichwahlen in Mazedonien
Се гласаше главно мирноФотографија: Petr Stojanovski

Зголемен број поплаки

Помеѓу двата круга од изборите меѓународните набљудувачи примија зголемен број на загрижувачки и веродостојни известувања за вршење притисок или заплашување на граѓаните, што претставува намалување на севкупниот квалитет на изборниот процес. Речиси сите од наводните тврдења се однесуваа на дејствија преземни од страна на државни службеници и партиски активисти на владеjачката партија. Напорите на власта да се разреши овој проблем не беа доволни за да го доведат тоа прашање до разврска и да ја повратат довербата, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР во Македонија, Питер Ајкер.

Амбасадорот на САД во Скопје, Филип Рикер, им честиташе на македонските граѓани за мирно спроведените избори и ги повика властите заеднички да се фокусираат на претстојните предизвици.

Во оценката на меѓународните набљудувачи стои и тоа дека во предизборниот период на вториот круг повеќето кандидати и партии ја изразија заложбата за фер и демократски избори.

Процесот на гласање мина добро, иако имаше одредени процедурални нерегуларности, констатираат набљудувачите. Проблемот на семејно гласање остана и во вториот круг од изборите, иако беше намален. Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права вториот круг од изборите во Македонија го набљудуваше со 170 набљудувачи од 30 земји.

Потврдена победата на Иванов

Државната изборна комисија потврди дека е исполнет одзивот потребен за избор на претседател – 42,61%, ова е резултатот од пребројани 99,93% од изборните места.

На гласање, според овие податоци излегле 763.637 од вкупно 1.792.082 гласачи.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов освоил 453.426 гласа, додека Љубомир Фрчкоски од СДСМ, 264.692.

Неважечки на претседателските избори биле 45.513 гласачки ливчиња.

Одзивот на вториот круг на локалните избори бил 43,12 % .

Во трката за Скопје Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ победи со 112.331 гласа, наспроти Тито Петковски со 69.285.

Mazedonien Djordje Ivanov wird Präsident
Ѓорѓе Иванов, нов македонски претседателФотографија: AP

Автор: Горан Петрески/ Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска