1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународни реакции за Авганистанецот Абдула Рахман

24 март 2006

Германската канцеларка Ангела Меркел најави европска иницијатива за поддршка на авганистанскиот христијанин Абдул Рахман, кому поради менувањето на верата му се заканува смртна казна во татковината.

https://p.dw.com/p/Ae2s
Ангела Меркел на самитот во Брисел
Ангела Меркел на самитот во БриселФотографија: AP

На маргините на самитот на ЕУ во Брисел Меркел порача дека ЕУ јасно ќе му порача на Авагнистан оти мора да се придржува до преземените меѓународни обврски. Таа претходно разговараше со авганистанскиот Претседател Хамид Карзаи околу случајот.

Во меѓувреме поддршка за Рахман стигна и од Австралија и САД.

И претседателот Џорџ Буш се приклучи кон низата западни политичари, кои изразија загриженост поради заканата со смртна казна за Авганистанецот Абдул Рахман. При еден говор во американската сојузна држава Западна Вирџинија тој упати апел до владата на Претседателот Хамид Карзаи:

„Очекуваме од Вас да ги почитувате универзалните принципи на слобода. Многу сум загрижен кога слушам дека едно лице, кое минало од исламот во христијанската вера, треба да биде изведено пред суд поради тоа. Тоа им противречи на вредностите за кои се залагам и се радувам на соработката со авганистанската влада за обезбедување на религиозната слобода во земјата.„

Официјален Вашингтон укажува при тоа на авганистанскиот Устав, во кој е запишано и правото на религиозна слобода за сите граѓани. Ваквиот став дојде до израз и во разговорите што заменик министерот за надворешни работи на САД Николас Барнс неделава ги водеше со авганистанскиот ресорен колега Абдула Абдула:

„Луѓето треба да можат слободно да ја бираат верската ориентација и не смеат да се плашат при тоа од тешки санкции, како на пример смртна казна. Од наше гледиште дури не би смееле поради тоа да бидат ставени во затвор.„

Авганистанската влада се наоѓа во тешка дилема по ова прашање. Од една страна во уставот навистина се запишани западните вредности, но од друга во земјата не е укинато исламското право, шаријата. 99% од сите Авганистанци се од исламска вероисповед, а христијанството никаде не се практикува јавно. Шефот на дипломатијата Абдула сепак посочи:

„Владата на Авганистан нема никаква врска со овој правен случај, но се надевам дека сепак ќе најдеме уставно правни патишта за да дојдеме со задоволувачки резултат.„

Од Кабул во меѓувреме пристигнаа сигнали дека Абдул Рахман би можел да биде прогласен за неспособен да одговара пред суд поради психички проблеми и со тоа да ја одбегне смртната казна.