1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународни реакции: самоубиствениот терористички напад во Русија - "ужасен чин"

5 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRs
Самоубиствениот терористички напад на југот на Русија во близина на границата кон Чеченија, чиј биланс досега е 40 загинати и преку 150 повредени лица, предизвика многу реакции во меѓународната јавност - повеќе држави и организации искажаа осуда и згрозување.
Рускиот претседател Владимир Путин по веста за нападот изјави: "Денешното злосторство несомнено е обид да се дестабилизира ситуацијата во земјата пред изборите. Сигурен сум дека тоа нема да им успее на злосторниците. Тоа пред се' нема да го дозволат граѓаните на Русија. Ова злосторство сведочи дека меѓународниот тероризам, кој денес е предизвик за многу земји во светот, и натаму претставува сериозна закана за нашата држава".
Путин го нарече непријателот ужасен, подмолен и опасен и вети дека властите ќе сторат се' за да им помогнат на погодените, а од специјалните служби и обвинителството побара да ги преземат сите неопходни напори за прецизна истрага во врска со злосторството. Меѓународната заедница е згрозена од најновиот терористички акт. Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер го оквалификува нападот како "ужасен чин". "Франција енергично го осудува терористичкиот напад кој не може да се оправда со ништо", рече портпарол на Министерството за надворешни работи. "Кина решително го осудува терористичкиот напад и ќе ја зајакне соработката со Русија и целата меѓународна заедница во борбата против тероризмот", му порача кинескиот министер за надворешни работи Ли Џаосан на рускиот колега по функција Игор Иванов. "Згрозен сум од гнасниот чин на тероризам против невини цивили во Русија", вели белгискиот министер за надворешни работи Луј Мишел во пораката со сочувства до семејствата на жртвите. "Тероризмот е најсериозна закана за цивилизацијата, а организаторите на денешниот терористички акт не може да се сметаат за нормални луѓе", исткнува во својата порака со сочувство чешкиот претседател Вацлав Клаус.
Еврокомесарот за човекови права Алваро Хил-Роблес искажа уверување дека терористите нема да успеат во она што го посакуваат - да го спречат нормалното одвивање на парламентарние иозбори во Русија, ниту да го запрат функционирањето на демократската држава.
Претседателот на парламентарното собрание на Советот на Европа Питер Шидер смета дека ваквите "терористички дела претставуваат напади врз човештвото, цивилизацијата и дигнитетот", додека генералниот секретар на Советот Валтер Швимер оцени дека "гнасниот чин нема да им донесе ништо на терористите кои се одговорни за него", туку "може само да им се одмазди".