1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу два света

4 ноември 2008

Во Германија живеат околу 3 милиони муслимани, а христијанско муслиманските бракови не се никаква реткост. Но, децата од вакви мешани бракови често имаат конфликти во својата свест кога се работи за религијата.

https://p.dw.com/p/G91Y
Децата од мешани бракови имаат и предности, но и тешкотииФотографија: dpa

Таткото на Уте Чарала пред 50 години дошол од Палестина да студира во Германија. Тука се оженил со девојка од покраината Баварија. Иако и двајцата не се премногу побожни, религијата во нивното семејство сепак игра улога. Нивните две ќерки имале повеќе тешкотии отколку другите деца, едната од нив, Уте, се потсетува:

„Ако речам - јас сакам да бидам крстена, татко ми може да се навреди. Ако речам, не сакам, тогаш може да се навреди мајка ми. Значи, уште како дете имаме конфликти, не сакавме да разочараме ниеден од родителите. Ги сакаме двајцата, затоа ни е тешко.“

Шок поради крштевањето

Двете сестри подоцна интензивно се зафатиле со религијата. Едната е експерт за исламски науки, муслимански верник и живее во Јордан. Уте на своја желба била крстена според евангелистичките обичаи. Таткото тогаш бил шокиран:

„Ме молеше на почеток да не им кажувам ништо за тоа на своите арапски роднини. За негова љубов, јас молчев. Но, кога пораснав, кога станав самостојна и полнолетна, јас сепак им раскажав на моите роднини. И тие на почеток реагираа шокирано, беа многу погодени. Но, тоа не предизвика помалку да ме сакаат или пак да се обидуваат да ме преобратат.“

Уте Чарала ја потенцира далековидоста и толерантноста на палестинските роднини, што е условена и од нивното високо образование. Таа самата е педагог и заршила студии по евангелистичка религија. Соработуваше на пишувањето учебник по исламска религија за наставата во училиштата во Баварија.

„Јас многу профитирав од тоа што ги познавам двата света. Но, понекогаш беше и многу напорно, а и денес е така.“

Kinder in der tscherkessichen Siedlung Rechaniya
Да се остави слобода за избор на вератаФотографија: picture-alliance

Потребна е јасност

За децата е важно да знаат која е нивната религија, велат експертите. Родителите треба да се одлучат за една. Кога христијани и муслимани стапуваат во брак, врската е потешка за одржување отколку кога двајцата се од иста вера.

За тоа мора да се води сметка пред бракот, велат Сабине и Маруан Фами. Двајцата се социјални педагози и се сретнале во Египет. Сабине работела во еден хотел. Двајцата се соочиле со религијата на другиот и научиле да се разбираат меѓусебно. Маруан Фами:

„Мислам дека е важно што јас како маж си го поставувам прашањето: што очекувам од мојот партнер или од моето дете? Зошто сакам да имам дете? Дали тоа треба да изгледа исто како мене? Или детето има слобода да го одбере својот пат? Секој треба да има шанса да учи и да се развива себе си. Не треба да ги управуваме нашите деца или нашите партнери,“ потенцира Фами.

Тоа практично значи на другиот да му се остави слобода. Секој пар треба да си најде свој пат, вели Сабине. Таа дошла до зачудувачки откритија:

„Кога се сретнавме, јас бев од католичка вера, претходно бев активна во католичката младина. Но, релативно рано почнав да го читам Коранот, зашто едноставно сакав да знам во што верува мојот маж.“

Сабине и Маруан Фами се во брак осум години и со своите две деца живеат според исламската традиција. Нивните искуства ги пренесуваат во едно советувалиште за муслимански семејства. Заедничкиот пат го избориле со напори. Најважното притоа е, вели Маруан Фами, да се има широко срце.