1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу комерцијалата и цензурата

17 октомври 2009

На претставувањето на Кина како земја гостин на Франкфуртскиот саем на книгата многу посетители за првпат ќе дојдат во контакт со некои кинески книги, кои дома се многу популарни . За што пишуваат кинеските автори?

https://p.dw.com/p/K81V
Фотографија: AP

На пример Ксу Цехен. Овој кинески писател роден во 1978 година во неговиот роман „Пеш низ Пекинг“ раскажува за тоа како младите луѓе во Пекинг продаваат нелегални ДВД. Тие се преселиле од село во градот и сега се пробиваат низ секојдневнието на главниот град. Ксу Цехен ја опишува битката за почнувањето на нов живот во туѓина. Покрај тоа, тој постојано се осврнува на ситуацијата во Пекинг, опширно опишувајќи улици, места и разни ситуации во главниот град. За кинескиот новинар Ши Минг, кој со години живее во Германија, ова е нов феномен во кинеската раскажувачка традиција: „Кога ги набљудуваме темите, тогаш гледаме тенденција од апсолутно селанското, земјоделското, кон градското и урбаното. Не само авторите кои пишуваат, туку и актерите во романите се се’ повеќе и повеќе градски фигури“

Книги кои не можат да се сфатат сериозно

Frankfurter Buchmesse 2009 Logo Gastland China
Логото на земјата-гостин

Пред се’ младите автори ги сместуваат случувањата во нивните романи во градовите. Покрај Ксу Цехен, тука се и популарните писателки Миан Миан и Веи Хуи. И додека овие две жени пишуваат за забави, секс и урбаните животни соништа, Гуо Ѓингминг неговото внимание го насочува кон младите во пубертет. Со помош на моќна рекламна машинерија, 26 годишниот Ѓингминг стана еден од најбогатите писатели во Кина. Од литературен апсект, меѓутоа неговите книги не може да се земат сериозно, вели професорот по литература Волфганг Кубин, еден од најпознатите експерти за Кина во Германија. Според него тие се премногу површни, но апсолутно комерцијални.

„Младата генерација, накусо кажано, сака да ја сфати сегашноста и да живее во сегашноста. Таа сака да има забава и задоволство и пред се` да го ужива новото богатство во градовите. Тоа и` е доволно.“

Кај авторите кои се родени во педесетите години од минатиот век, како Мо Јан или Ју Хуа, тоа е сосема поинаку. Во нивните дела голема улога игра погледот во минатото на Кина. Тие, пред се’, ја тематизираат злогласната културна револуција која беснееше во Кина од 1966 до 1976 година. Повеќето автори, меѓутоа пишуваат за културната револуција само поради тоа што таа како тема добро се продава во Кина, гласи оценката на Волфганг Кубин:

„Всушност пишувањето за културната револуција не е дозволено, а историчарите не смеат во целина да го истражуваат тој период. Но, писателите како Ју Хуа знаат дека пишуваат за тема која во Кина е популарна исто како ’Третиот рајх’ во Германија. Тоа значи има и пазарен фактор.“

Кинеските писатели ги плаќаат од напишан ред

Frankfurter Buchmesse: Pressekonferenz China Juni 2009
Фотографија: Frankfurter Buchmesse / Fernando Baptista

А кога се зборува воопшто за пазарот на книги во Кина, не смее да се заборави дека повеќето кинески автори при пишувањето секогаш ги имаат предвид парите. Кинеската литература е силно комерцијализирана. Тоа може да се забележи и по должината на книгите, кои преведени на германски јазик честопати достигнуваат и до 700 или 800 страници. Има и причина за тоа:

„Авторите не можат да се концентрираат на 200, 300 страници, зашто ги плаќаат по напишан ред. Тоа значи дека тие не пишуваат од книжевни пориви, туку од финансиски“, вели Кубин.

Многу критичари како Волфганг Кубин, кои одржуваат добри контакти со литературната сцена во Кина, сметаат дека не важи аргументот дека цензурата ја спречува добрата литература, бидејќи доколку кинеските издавачи не сакаат да објават некоја книга со проблематична тема, авторите имаат можност да ја издадат во странство.

„Издавачот вели преработи го тоа и тоа, а авторот одлучува дали ќе го послуша. Тој меѓутоа има алтернатива - може да ја објави неговата книга во Хонг Конг или Тајван, меѓутоа многумина не го прават тоа, зашто целосно се идентификуваат со државата“, објаснува Кубин.

Затоа тој не може да каже многу добри нешта за кинеската проза. Оној кој сака да чита добра кинеска литература, мора да посегне по поезијата, гласи неговиот совет. И Ши Минг ја истакнува слабоста кај писателите на романи, дека тие вложуваат малку напори во оформувањето на нивните ликови. Тој меѓутоа укажува на тоа дека авторите во Кина пишуваат во посебни околности:

„Авторите се приклештени меѓу масовната комерцијализација и масовната политика. Тоа ја заострува ситуацијата за нив. Но, не сакам да ги ослободам од личната одговорност.“

Автор: Силке Балвег/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев