1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага и обнова

Петер Хиле/Симе Недевски15 ноември 2013

На Филипините расте бројот на регистрирани загинати лица. Eдна недела по налетот на тајфунот e соопштено дека најмалку 4460 лица не го преживеале Хаијан. Островот Лејте е еден од најтешко погодените.

https://p.dw.com/p/1AI6s
Фотографија: DW/P.Hille

Лево и десно од главната улица на Мерида, каде некогаш беа куќи, сега има урнатини. Тајфунот Хаијан тука беснееше исклучително брутално. Една недела по бурата, некои од жителите на приморското место на западот од островот Лејте веќе поставиле нови покриви и повторно ги изѕидале потпорните ѕидови на своите куќи. Тоа им пружа засолништа на барем некои од 30-те илјади жители на Мерида.

Роберто Роме живее на главната улица, но воопшто не го засега обновата на неговото место. Тој седи на мала дрвена клупа во она што некогаш беше задниот двор на неговата куќа и гледа во земја. Тајфунот на овој 64-годишен човек му го одзема најважното - сопругата Вана. Една дрво кое било откорнато од тајфунот паднало врз неа и ја усмртило. И тој самиот не можел доволно бргу да избега и бил погоден од гранка во задниот дел од главата. Еден шев провизорно ја држи затворена раната.

Insel Leyte Taifun Haiyan
Роберто Роме ја загубил сопругатаФотографија: DW/P.Hille

Помошта е на пат, но и натаму не е пристигната

Дождот продолжува. Луѓето во Мерида се стискаат под покривите кои останале неоштетени од бурата и во куќите кои се обновени. Дождот ги отежнува работите. А тука и воопшто не е стигната помош од надвор. Сандра Булинг од хуманитарната организација Кер Интернешнл, стекнува увид во состојната на теренот. Таа тука допатува од пристанишниот град Ормок. Најнеопходни сега се прехранбени производи, објаснува една група млади луѓе, кои по поројниот дожд излегле на улица за да го почувствуваат малку разладениот воздух. Меѓутоа Булинг мора да ги теши младите луѓе. Во моментов прехранбени производи се на пат од Манила кон Лејте, вели таа: „ Планот е во наредните денови да стигне и во овие малку поодалечени места како Мерида и Изабел. А во наредните денови тука со брод ќе донесеме и градежен материјал за да можат луѓето да си направат барем провизорни сместувалишта.“

Insel Leyte Taifun Haiyan
Доброволци носат вреќи со ориз во Градската куќа во ОрмокФотографија: DW/P.Hille

Централата за итна помош во Градската куќа

Во самиот Оромок веќе се пристигнати пратки со помош. Од минута во минута доброволци носат вреќи со ориз и конзерви со месо во Градската куќа, која во бурата загуби само неколку прозорци и делови од покривот. Филипинската влада ги испрати вреќите со ориз кои тука се редат една врз друга и се чувани од страна на полицијата и војската.

Бинго Капахи е еден од бројните службеници во градската управа кој помага во Градската куќа. Постојано мора да се чисти дождовницата од подот на зградата, па сепак тука е сместена централата за итна помош: „Ормок е целосно разурнат“, објаснува Капахи. Најважна задача сега е на луѓето во регионот да им се достават готови оброци. „Со оглед дека нашиот аеродром, нашето пристаниште и натаму се во релативно добра состојба ни рекоа дека Ормок ќе биде пункт за распределување на помошта на целиот остров Лејте. Ќе направиме што можеме“, порачува Капахи.

Insel Leyte Taifun Haiyan
Текинг Етанг бара утеха и храброст во музикатаФотографија: DW/P.Hille

Со музика против тагата

Кога навечер ќе зајде сонцето и ќе завладее мрак во градот без струја и светлина, наспроти Градската куќа на Ормок во светлото на една џепна лампа трепери малку надеж. Текинг Етанг седи заедно со пријателите на улица , со гитара в рака. И тој ја загубил неговата куќа. Музиката е најдобар лек, барем за момент да се заборави оваа катастрофа, вели тој и започнува да свири нова песна.