1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мејд ин Чајна“ поскапува

2 април 2011

Наскоро изгледа ќе дојде крај на евтината облека од Кина, а производството ќе биде преместено во други азиски земји. Кинеските работници исто така сакаат дел од колачот „економско чудо“ и бараат повисоки плати.

https://p.dw.com/p/10j9H
Кинеските работници ќе добијат поголеми платиФотографија: AP

Звучи апсурдно, но пред се‘ самоубиствата на очајните кинески работници во фабриката на лиферантот на Епл, Фокскон, ги поттикнаа кинеските производители, како и владата во Пекинг, да го променат ставот. Покрај тоа, дојде до пораст на цените за потрошувачите во Народната Република, како и повисоко ниво на образование кај младите Кинези. Затоа, петгодишниот план на Народниот конгрес донесе одлука за покачување на минималната плата за 13 насто годишно.

Растат трошоците за производство

China Textilindustrie Näherin in Peking
Кинескиот експорт на текстил во светот константно растеФотографија: AP

Некои фирми во индустриските центри на источниот брег воведуваат поголеми покачувања - од 20, па дури до 70 насто поголема плата. Се разбира, тоа не им се допаѓа на претпријатијата, чие производство е лоцирано во Кина. Имено, со тоа растат и трошоците за производство. Тоа ги засега сите бранши, пред се‘ модната индустрија, вели Јирген Матес од Институтот на германското стопанство во Келн:

„Вистина е дека текстилната индустрија, најмногу модната индустрија - има различни етапи во производството, а најинтензивната етапа е шиењето, што е задача на модната индустрија - многу зависи од порастот на трошоците за работната сила, оти се работи со голем интензитет. Тоа тешко може да се рационализира.“

Според статистиките, светскиот волумен на кинескиот експорт на текстил константно расте. Според Модниот сојуз Џерман Фешн, Германија во 2010 година дала налог за производство на 10 насто повеќе облека отколку во претходната година. Глобалната побарувачка ги доведува кинеските фабрики до границите на нивните капацитети. Свен Ерискат од Генералното здружение Текстил и мода изразува загриженост:

„Покрај цената за работната сила, нас не‘ загрижува и нејзината застапеност.“

Нема да има масовно повлекување од Кина

Näherinnen in Vietnam
Во Виетнам се отвораат нови капацитети за производствоФотографија: AP

Поради тоа економските експерти сметаат дека производителите на облека ќе преминат во други земји, каде може поевтино да произведуваат.

„Во азискиот регион сега може да се забележи преместување на караванот во земјите, со значително пониски трошоци за работната сила, тоа се земјите кои исто така заостануваат во развојот. Такви се, на пример, Лаос, Камбоџа и Виетнам.“

Од Генералното здружение Мода и текстил, кое застапува 1.300 претпријатија од текстилната бранша, сметаат дека ваквиот развој нема да влијае врз германските претпријатија. Поради нејзините норми за квалитет, тие зависат од кинеските производители краткорочно и среднорочно, со одредени последици и за купувачите во Европа, вели Свен Ерискат:

„Мал број земји во светот нудат ваква длабочина на производствениот процес, а со тоа и добар квалитет. Кинеските претпријатија повеќе не можат да го компензираат порастот на трошоците за плати и суровини. Потрошувачите ќе почувствуваат одредени последици, но сметам дека нема да има масовно повлекување од Кина во другите региони.“

Потребни се нови производствени капацитети

Adidas Logo
Адидас и понатаму ќе произведува во Кина

Од друга страна, ако се земе предвид огромниот кинески пазар со своите 1,3 милијарди конзументи, токму поради тоа нема да дојде до повлекување. Сепак курентноста на пазарот е предност и за модната индустрија. За производителот на спортска облека и обувки Адидас, земјата, во меѓувреме, стана втор по големина пазар. Некои производи на Адидас се произведуваат и во други азиски земји. Но, една третина од производството на концернот од Херцогенаурах е во Кина. Јан Рунау, портпаролот на Адидас вели:

„Кина, како и досега, ќе остане најголемиот производител на спортски обувки, само поради порастот на индустријата за спортски производи и на нашето претпријатие, потребни се и нови производствени капацитети, кои ќе се отворат во другите азиски земји, како на пример Индонезија, Камбоџа или Виетнам. Тоа значи, сегашното производство на обувки во Кина останува, но ако нашите лиферанти отвараат нови производствени постројки, тогаш тоа ќе биде во другите азиски земји. Тоа е всушност генералниот тренд“, заклучува Рунау.

Значи и во 2011 година нема да има голема преселба, барем што се однесува до германските производители на облека. Може да се случи евтините фармерки наместо 19 евра наскоро да чинат 25 евра, но можеби нема да дојде до поскапувања. Имено, повеќе кинески лиферанти сега засилено планираат да произведуваат во сиромашните делови во внатрешноста на земјата. Тамошните работници се‘ уште не бараат толку високи плати. Лиферантот на Епл, Фокскон, веќе го направи првиот чекор - 200.000 работни места наскоро треба да се преселат од источниот брег во внатрешниот дел на Кина.

Автор: Николас Мартин / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска