1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мејер бара објаснување од Европската комисија за некористењето на терминот „македонски“

2 април 2009

Спорот со името се прошири и врз користењето на терминот „македонски“ за народот, јазикот и меѓународниот код МК. ЕК потврди дека ова се практикува од летото 2008.

https://p.dw.com/p/HOcF
Ерик Мејер бара објаснување од Европската комисијаФотографија: EU-Parlament

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Ерик Мејер, побара од Европската комисија (ЕК) да потврди дали општоприфатените термини „Македонци“ и „македонски“ и кодот на земјата „МК“, неодамна се заменети со назнака дека „ќе бидат дефинирани“, што води кон нов спор околу името на овој народ и неговиот јазик. Мејер притоа се прашува дали ЕК води сметка дека со креирањето на ваква неизвесна ситуација спорот се шири во нови области, кои се многу почувствителни, бидејќи навлегуваат во националниот идентитет и стануваат невозможни за решавање.“

„Бев информиран дека во официјалната терминологија на Европската Унија зборот „македонски“ нема веќе да биде користен, како што се практикуваше до 2008 година. Тоа беше причината поради која побарав официјално објаснување од Европската Комисија. Одговорот на Комисијата е дека нема промена, се наоѓаме во луда ситуација која нема да има последици за Европската Унија, но која и‘ прави задоволство на Грција“, објаснува Ерик Мејер.

Ново дефинирање?

Имено, во одговорот што го доби од ЕК, нејзиниот претседател Жозе Мануел Баросо, потврдува дека е точно оти до скоро се употребувале стандардните имиња, а од летото 2008 година била донесена одлука тоа да се смени. Така, во меѓуинституционалниот водич, контролиран од Бирото за официјални публикации на Европската заедница, терминот „македонски“ и меѓународниот код „МК“ е заменет со „да се дефинираат“. Комисијата притоа тврди дека сите референци во документите и публикациите биле во стриктна согласност со резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност на ООН.

Europäische Kommission in Brüssel Foto v. 17.06.2008 von Barbara Cöllen für DW
Зградата на Европската комисијаФотографија: Barbara Cöllen/DW

Според Мејер, Комисијата даде симболичен подарок за да се задоволи Грција, која го оспорува користењето на зборот „македонски“ за јазикот и народот. „Не постои ниту „фиромски“ народ, ни „фиромски“ јазик, тој ќе биде само македонски“, категоричен е холандскиот европратеник.

Мејер е загрижен и поради одложувањето на датумот за почеток на преговорите за членството на Република Македонија во ЕУ, ова и покрај препораките на Европскиот парламент. Тој оценува дека грчкото противење може да потрае со години.

„Јас сум многу песимист, бидејќи проширувањето сега не е приоритет. Јавното мислење е против и владите на државите членки на ЕУ се среќни што располагаат со повеќе време за да донесат одлука. За Европскиот совет проширувањето не е приоритет. Од друга страна, грчкото противење за почнеток на преговори со Македонија, може да потрае повеќе години. Иако мнозинството во Европскиот парламент го следеше мојот предлог, реалноста ќе биде многу поинаква“, заклучува холандскиот европратеник.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска