1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меџити: За ДУИ е прифатливо името Горна Македонија

ЖА/макфакс/рсе21 јули 2013

ДУИ, која е дел од владејачката коалиција, смета дека сега треба да се решаваат проблемите, меѓу кои е и спорот за името, наместо да се размислува за предвремени избори, вели потпретседателот на партијата.

https://p.dw.com/p/19BP7
Фотографија: DW

Уморни сме од избори и ние и народот, премногу ги имаше, ние сме повеќе да се осврнеме и да ги решиме проблемите, па и името, отколку цело време да се оди на предвремени избори, вели потпретседателот на ДУИ и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Говорејќи за ставот на ДУИ околу спорот со Грција, Меџити истакнува дека тие ги кажале ставовите за тоа кои имиња не ги прифаќаат како Албанци, како што е со предзнак словенски.

„Наш став беше дека нема да прифатиме име што ќе има предзнак југословенски и две-три што беа спорни, а сe‘ друго е прифатливо. И Горна Македонија, ние уште на самиот почеток јавно кажавме дека е прифатлив предлог. Приоритет на сите граѓани во Република Македонија е да се реши овој и другите проблеми бидејќи единствената алтернатива ни е ЕУ и НАТО“, изјави Меџити.

Во врска со преименувањата на училиштата во општината Чаир, Меџити вели: „Таму каде што мнозинството се Албанци, по автоматизам името на училиштето да биде од албанската историја или од албански настани и со тоа еднаш засекогаш да го решиме ова прашање и да се осврнеме на други позначајни прашања за образованието“.

„Точно е дека свидетелствата учениците ги зедоа според старите имиња. Преговараме со новиот министер за образование, спремни се за две имиња сега, а две понатака. Тие имиња се волја на родителите, волја на народот, на мнозинството во Чаир и јас сум убеден дека, ако не денес, тогаш утре-задутре, тоа ќе се оствари“, изјави градоначалникот на Чаир Изет Меџити.