1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигел Анхел Мартинез: Проблемот со името е „ирационален“

Тони Гламчевски23 јули 2013

Потпретседателот на Европскиот парламент, шпанскиот политичар Мигел Анхел Мартинез во интервју за ДВ вели дека е важно да се деблокира процесот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

https://p.dw.com/p/19C9s
Фотографија: Adalberto Roque/AFP/Getty Images

Мигел Анхел Мартинез потпретседателот на Европскиот парламент од редовите на шпанските социјалисти, во моментот кога Македонија во 1995 година и Хрватска во 1996 година станаа членки на Советот на Европа, тој претседаваше со Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Денес тој не го крие задоволството што под негово претседателство на најстарата паневропска асамблеја започна европската интеграција на овие земји и што Хрватска стана дел од Европската Унија, но не го крие ни разочарувањето што Македонија не напредува поради „ирационалниот“ проблем со името. И во 1995 кога Македонија стануваше членка на Советот на Европа исто како и сега во 2013 кога сака да започне преговори за членство во ЕУ, спорот за името беше една од пречките за членство.

„Македонија е во моето срце“

„Од секогаш ја носам Македонија во срцето, треба да знаете дека секое утре се разбудувам со поглед кон Македонија. Станува збор за слика на рибари во Охридското езеро и секое утро само се запрашувам дали едно утро тие ќе ја извадат мрежата со риболовот. Тоа го кажувам за да подвлечам дека ова земја за мене не само што ми е многу мила, туку и оти е многу присутна“ , вели Мартинез, на кого оваа слика му беше подарена од страна на Македонија за време на неговото претседавање со Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

„Знаете јас бев во Загреб при свеченостите за приемот на Хрватска во ЕУ, говорев пред хрватскиот парламент и се' уште покажувам интерес за земјите од регионот. Вистина е дека еволуцијата на ситуацијата не беше секогаш најдобра, па дури и на внатрешен план. Но јас ја поддржувам решително и се надевам дека ќе можеме да го релансираме процесот на проширување, бидејќи не можам да си ја замислам картата на идната Европа, без оваа земја да биде составен дел од неа.“, додава Мартинез.

Frankreich Europaparlament in Straßburg
Фотографија: Reuters

Пред три години кога Шпанија претседаваше со Европската Унија, Мартинез беше реалист во однос на проблемот со името кој ја кочи Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и тој уште тогаш рече дека „Проблемот не се решава за еден или два месеци.“ Денес тој е убеден дека овај проблем е „ирационален“.

Проблемот со името не е лесен

„Тоа е ирационално, јас секогаш мислев дека рационалноста е една од вредностите на Европската конструкција, вредност на европската културата и цивилизација од многу поодамна. За ова јас навистина жалам и познато е дека се борам против ова. Евидентно е дека ова не е лесен проблем“, нагласува тој.

Според него важно е да се деблокира процесот и да започнат преговорите колку што е можно побрзо.“

„Јас посакувам во Македонија да се случат серија на реформи кои се неопходни за земјата, за народот, а не поради тоа што Европската Унија го бара тоа. Потребно е да се напредне во европеизацијата на животните норми. Во тоа се подразбира демократизацијата, социјалниот напредок и зацврстувањето на мирот, помирувањето и стабилизацијата. Мислам дека ако се напредне во оваа насока ќе бидеме наведени да најдеме едно поволно решение за земјата, кое го посакуваме многумина во Европскиот парламент и во Европската Унија“.

Борец за човекови права

Овој искусен шпански политичар е меѓу најпочитуваните во Европскиот парламент, каде го ценат неговото силно чувство на праведност и неговиот интегритет. Тој уште од својата најрана младост односно на 19-годишна возраст се вклучува во борбата за човекови права, придружувајжи им се на силите на отпорот против диктаторскиот режим на Франко во неговата Шпанија.