1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите не се „старо железо“

9 мај 2010

Бројни доселеници од постарата генерација во Берлин се ангажирани на волонтерска база во т.н. „соседска помош“. Какви се нивните искуства и зошто се решиле на доброволна работа?

https://p.dw.com/p/NH1M
Фотографија: dpa

Бејхан Сентурк, Турчинка по потекло, референтка во Фондацијата „Фридрих Еберт“, смета дека една демократија живее преку ангажманот на граѓаните, кои на пример преземаат одговорност во соседството и во нивните квартови.

Размислувајќи за последните децении, констатирам дека помошта кон соседите била нешто разбирливо само по себе за првата генерација доселеници, истакнува, пак, Улрика Цабел од берлинскиот „Центар за интеркултурно отворање нега на старите“:

„Ние малку заборавивме, а тие едноставно повторно ни го доближија сфаќањето дека е сосема разбирливо да се чукне на вратата на соседот и да се рече: заборавив да купам брашно, можете ли да ми позајмите, или самохраната мајка да ја замоли сосетката: не знам каде да го однесам детето, а морам да одам на работа, на што таа без двоумење одговара-нема проблем, едно дете повеќе за мене не е проблем, одете слободно на работа.“

Пионери во доселувањето и во општествениот ангажман

Integrationsgipfel in Berlin, Integration, Migranten
Фотографија: AP

Регина Лукс Хан од хуманитарната организација „Каритас“ ја цени работата на постарите доселеници, се сеќава на првите гастарбајтери во Германија во 50 и 60-те години на минатиот век:

„Тие беа пионери во доселувањето и оставија свој печат врз животот во земјава. Денеска повторно се пионери со ангажманот во многу општествени области, со давање нови импулси. Тие се пример како можат да се покренат нови иницијативи и да се организира соседска помош, без кревање голема врева и без паричен надомест“.

Сениорски совети во општините

Берлин, патем, е прва покраина која од 2006 година има закон за ангажман на сениорите. Одреден број постари доселеници се избрани во сениорските претставништва во општинските совети. Во нив спаѓа и Генриета Лиаковитскаја, која во 1996 година се преселила од Санкт Петерсбург во Берлин, каде со години била ангажирана во општината Центар.

„По речиси четири години волонтерска работа во сениорскиот совет, можам да се заблагодарам за неочекуваната можност за првпат рамноправно да зборувам во германски граѓански форум. Првпат имам вистински контакти со староседелците. Проблемите на германските стари луѓе се слични со нашите.“

Почитување на проблемите на постарите

Улкер Радцивил, Турчинка по потекло, сега портпарол за сениорски прашања на Социјалдемократската пратеничка група во Берлинскиот сенат, иницираше формирање „соседски центар“, во кој можат да се ангажираат постарите мигранти. Многумина тука доаѓаат за едноставно да научат подобро германски, да го подобрат читањето и пишувањето, за да можат да им помогнат на своите внуци. Во центарот многумина се информираат и за воспитувањето на децата и за различни здравствени прашања. Улкер Радицвил сака да им помогне на постарите мигранти:

„Тие интензивно работеле, се внесле себе си. Исправно и добро е во рамките на политиката кон сениорите да ги почитуваме проблемите на постарите доселеници, зашто нивните се посебни. Овие луѓе интензивно се соочуваат со аспектот на нега и потребата од неа.

Автор: Сабине Рипергер / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска