1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите со подобро образование наоѓаат работа во Германија

Стефани Хепнер / Александар Методијев26 март 2013

Мигрантите доаѓаат полесно до работа во Германија. Едно истражување откри дека секој трет мигрант од земја која не е членка на ЕУ наоѓа работа во рок од една година од пристигнувањето. Жените имаат помалку среќа.

https://p.dw.com/p/1840d
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Серџо Невес се’ се случи многу бргу. Компјутерскиот научник од Рио де Женеиро, кој е во брак со Германка, аплицирал за две работни места и ги направил интервјуата преку телефон во рок од неколку недели.

Кратко потоа седнал во авион и се упатил кон северо-истокот за и лично да се претстави. На крајот тој добил понуда за работа од двете компании. Бразилецот го одбрал работното место во Дојче телеком во Бон. „Жена ми го преферираше овој регион“, изјави тој за Дојче веле.

Fachkräftemangel Integration Zuwanderung Facharbeiter
На германскиот пазар на труд се бараат високообразовани кадри, а меѓу нив предничат инженеритеФотографија: picture-alliance/ dpa

Тоа било пред 15 години. Овој брз влез на пазарот за труд за Невес, сега 57 годишен, може да се смета за среќа, бидејќи во тоа време секој шести имигрант од земја која не била членка на ЕУ можел во рок од една година да најде работа во Германија. Германскиот пазар на труд во тоа време имаше репутација дека е строг и бирократски.

Високата диплома дава предност, но не за сите

Денес таа бројка е удвоена – еден од тројца кој се преселиле меѓу 2010 и 2011 година од земја која не е членка на ЕУ нашол работа во рок од 12 месеци, според истражувањето на Германскиот сојузен институт за истражувања на популацијата.

Андреас Ете од овој институт за Дојче веле забележува дека ова значи оти луѓето кои пристигнуваат во Германија можат да најдат работа за неколку дена или недели или најмногу до една година.

Наоѓањето работа го забрзува дипломата за високо-стручна квалификација. Пред 15 години 21 процент од новите доселеници имале универзитетска диплома, додека таа бројка сега е речиси удвоена – 41 процент. Тоа ги става мигрантите над просечните Германци, бидејќи само околу четвртина од нив имаат универзитетско образование.

Symbolbild Hochschulen Ausländer Studenten lesen studieren Akademikerin
Жените имаат помали шанси за наоѓање работа во првата година од доселувањето и покрај дипломата за завршено високо образованиеФотографија: picture-alliance/dpa

Како и да е, Ете нагласува дека меѓу мажите и жените останува голем процеп, без оглед на истиот сооднос на жени-мигранти кои имаат високообразовни квалификации. Додека мажите-мигранти уживаат 53 проценти стапка на вработеност во првата година од доселувањето, жените остануваат далеку зад нив на 20 проценти. Ете вели дека тоа треба да се гледа низ призмата на традиционалните родови очекувања во Германија, каде мажите повеќе се гледаат како работници, а жените како домаќинки.

Отворени граници за висококвалификуваните работници

Вкупно околу 495.000 работоспособни луѓе пристигнале во Германија во 2010 и 2011 година. Во 90-те години на минатиот век најголем број од имигрантите доаѓаа од поранешниот Советски сојуз, поранешна Југославија и Турција. Ете објаснува дека денес многу луѓе емигрираат од азиските земји, како Кина, како и дека многумина доаѓаат од Северна Америка. Многу доселеници бараат работни места во инженерството.

Andreas Ette
Андреас Ете од Германскиот сојузен институт за истражувања на популацијатаФотографија: Andreas Ette

Улога тука играат и промените во миграциската политика, посебно во однос на високообразованите кадри. Ова ја вклучува т.н. сина карта – програма на ЕУ која Германија ја спроведе оваа година. Со неа визата е со важност од четири години и таа осигурува дека странскиот работник ќе добие иста плата како и граѓаните од ЕУ. Андреас Ете забележува дека Германија, во однос на некои ОЕЦД земји, има либерални имиграциски политики.

Невес во Германија се чувствува како дома, а тоа чувство го има и пред новите регулативи. Неговиот тим во Дојче телеком половина е интернационален, а англискиот јазик е јазик кој се користи на работното место. Но, тој забележува промени во работната средина во Германија. Онаму каде што порано работеле по двајца во една канцеларија сега се ставени со останати колеги во поголема просторија. А, во тие денови на високо регулирани работни часови прекувремената работа, денес вообичаена практика, била невообичаена.