1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милан против Арсенал во Лигата на шампионите

15 февруари 2012

Вечер во Милано и во Санкт Петерсбург продолжуваат натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите. Синоќа победи однесоа Лион и Барселона.

https://p.dw.com/p/143RL
Фудбалерите на БарселонаФотографија: dapd

Осминафиналната фаза од Лигата на шампионите започна синоќа со убедливата победа од 3:1 на бранителот на титулата Барселона во Леверкузен против домашниот Бајер и со минималниот пораз од 1:0 на кипарскиот Апоел на македонскиот репрезентативец Иван Тричковски на гостувањето во Лион против Олимпик. Головите за Каталонците во „Бај Арената“ ги постигнаа Алексис Санчез во 41. и 55. минута и Лионел Меси во 88. минута. Единствениот гол за домаќините го даде Михаел Кадлец во 52.минута.

Во Лион на „Стад де Жерлан“, победоносниот гол го постигна Александре Лаказет во 58. минута. Тричковски го одигра целиот натпревар во дресот на Апоел, но не успеа да му помогне на својот тим да го избегне поразот.

Вечер продолжуваат осминафиналните натпревари во Лигата на шампионите. Од 18 часот во Санкт Петерсбург се игра првиот натпревар од двомечот Зенит - Бенфика, додека од 20 часот и 45 минути во Милано играат Милан и Арсенал.

Преостанатите четири натпревари од оваа рунда на програмата се наредната недела, а потоа следуваат и реваншите.

Автор: СН/ БГ/ миа/ дв

Редактор: Александра Трајковска