1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милитантни навивачи палат во Каиро

ЕМФ/ард/афп9 март 2013

Во Каиро е нападнат комплекс во кој се наоѓа клуб на полициски офицери, како и седиштето на Фудбалскиот сојуз. Разбеснетите навивачи почнаа со подметнување пожари по смртните пресуди за безредијата минатата година.

https://p.dw.com/p/17uCH
Фотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Египет го зголеми степенот на готовност поради најновите безредија во главниот град. Во комплексот кадешто се наоѓа полицискиот клуб жителите сами се обидуваат да го изгаснат пожарот, јави агенцијата АФП. На другите објекти им се искршени прозорците. Огнот во седиштето на Фудбалскиот сојуз, кое беше запалено само неколку минути подоцна, се обидуваат да го изгаснат пожарникари.

Се вели дека зградата на полицискиот клуб ја нападнале фанови на клубот Ал Али. Милитантни приврзаници Ал Али играа една од централните улоги при протестите кои доведоа до пад на режимот на Хосни Мубарак во 2011 година. Приврзаниците на Ал Али претпоставуваат дека крвавите фудбалски безредија во Порт Саид, кои се случија една година подоцна, биле поттикнати од полицијата или од приврзаници на Мубарак, во знак на одмазда.

Судот во Каиро денеска ги потврди смртните казни за 21 обвинет за безредијата на фудбалскиот натпревар во градот Порт Саид. Освен тоа, изречени се уште десетици казни затвор во траење од една година до доживотно.

Gericht in Kairo bestätigt Todesstrafe wegen Fußballkrawallen
Судот во Каиро ги потврди смртните казниФотографија: picture-alliance/AP

Обвинети беа вкупно 73 лица. Меѓу обвинетите имаше и фудбалски навивачи и припадници на безбедносните сили. Судот изрече казни доживотен затвор за петмина обвинети и многу други казни затвор во различно траење. Ослободени се 28 лица, а меѓу нив се седуммина од вкупно деветтемина обвинети припадници на безбедносните сили.

Шефот на полицијата, кој тогаш бил надлежен за случајот, е осуден на 15 години затвор. Безбедносните сили се соочуваат со обвинение дека ги посматрале безредијата што се случија на натпреварот меѓу клубовите Ал Масри и Ал Али пред една година, без да преземат што било.

Уште за време на натпреварот имаше судири меѓу навивачите на двата клуба. По завршување на натпреварот, навивачите на Ал Масри влегоа на теренот и ги нападнаа навивачите на гостинскиот тим. Во безредијата беа убиени 74 луѓе.

Судењето од безбедносни причини беше дислоцирано во Каиро, поради тоа што во Порт Саид со недели имаше жестоки протести и насилни судири поради судскиот процес.