1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милијарди во детски раце

Цуи Му/Марта Таневска17 септември 2013

Во Германија е речиси сѐ регулирано. Чудо е што не постојат правила за детскиот џепарлак. И германските родители мака мачат со одговор на прашањето, колку џепарлак е доволно? Во секој случај децата се сѐ побогати.

https://p.dw.com/p/19WEQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Информации и корисни совети, несигурните родители бараат на многу места, и на интернет, но и на родителските состаноци. Помагаат и службите за грижа на децата, тие секоја година објавуваат табели со кои ги информираат родителите за соодветна висина на џепарлакот за деца на различна возраст.

За шест годишно дете се препорачува џепарлак од 6 евра месечно, 13 годишните би требало да добиваат по 20 евра. Но реалноста покажува дека денешните родители се повеликодушни и на своите ќерки и синови им даваат многу повеќе пари отколку што предлагаат педагозите.

Symbolbild - Taschengeld
Децата помеѓу 6 и 13 години во просек во Германија добиваат 27,56 евра од родителитеФотографија: picture-alliance/dpa

Издавачката куќа „Егмонт Ехапа Ферлаг“ веќе преку дваесет години го истражува однесувањето на младите потрошувачи. Во актуелното издание „Детски потрошувачки анализи“ ("KidsVerbraucherAnalyse") може да се дознае дека висината на џепарлакот е на рекордно високо ниво. Децата помеѓу 6 и 13 години во просек во Германија добиваат 27,56 евра од родителите. Во тој износ не се вклучени паричните подароци за празници, родендени и тоа што децата го добиваат од роднините.

Великодушни родители

„Германските деца последниве години добиваат сѐ повеќе и повеќе џепарлак“, вели за ДВ Ралф Бауер, водичот на истражувањата во споменатата издавачка куќа. Причините се економски раст во земјата и стапката на инфлација, но и сѐ поизразената великодушност на родителите, посебно во таканаречените „печворк семејства“. Во нив очигледно не се „удвојува“ само бројот на родители, туку и висината на џепарлакот.

За време на анализата на потрошувачкото однесување на децата треба да се биде внимателен. Многу истражувања се само параван за економските интереси кои стојат позади нив. Често се случува (вештачки) да се зголемува износот кој децата наводно го добиваат од родителите за да се стимулира потрошувачката.

Junge mit Geldschein
За шест годишно дете се препорачува џепарлак од 6 евра месечноФотографија: somenski /Fotolia

„Веќе одамна децата се целна група, многу фирми во нив гледаат рамноправни потрошувачи“, предупредува Холгер Зиглер, професор по педагогија на Универзитетот во Биелефелд и додава: „Секако дека постојат и финансиски интереси децата да добиваат пари и самите да ги потрошат!“

Книга, јадење, пијалаци, мобилен...

Судејќи по резултатите на „Детската потрошувачка анализа“, џепарлакот се троши главно на книги, магазини, јадење и пиење. Повеќето од децата (81 отсто од малолетниците на возраст од 6 до 13 години) главно самите одлучуваат на што да ги потрошат парите. Многу економски индустрии не сакаат и не смеат да го игнорираат тој развој.

Во Германија живеат околу шест милиони деца, тие располагаат со преку три милијарди евра. Џепарлак не примаат само ученици, родителите им даваат и на децата кои сѐ уште не почнале да одат на училиште. Во просек се работи за 10,68 евра месечно. Преку 50 отсто од децата помеѓу 6 и 13 години сакаат да носат марки (брендови) кога се работи за спортска опрема, облека или мобилни.

Schülerin mit Telefon
Добар дел од џепарлакот децата го трошат и на мобилни телефониФотографија: picture-alliance/dpa

Педагогот Холгер Зиглер сепак напоменува дека џепарлакот во крајна линија е „нешто добро“. Децата кои добиваат џепарлак учат како да се однесуваат кон парите, како да располагаат со одреден „буџет“, за да ги задоволат своите потреби и желби. „Децата можат да научат сами да одлучуваат на што ќе ги потрошат парите, а на што нема“, вели нашиот соговорник. Така децата добиваат чувство и за недостаток на пари. Други студии нагласуваат уште еден позитивен ефект на џепарлакот: што порано децата научат да штедат пари, помала е опасноста подоцна( како возрасни) да завршат во долгови.