1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски: „Ако некој е националист, тоа е Грција“

Александар Чомовски26 февруари 2009

Грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, ја заврши посетата на САД. Кои реакции ги предизвика нејзиното американско лобирање и „веселата математика“ кај македонскиот државен врв?

https://p.dw.com/p/H1Vg
Антонио МилошоскиФотографија: AP

По балканската турнеја, грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, лобира и во САД. Бакојани се сретна со нејзината американска колешка Хилари Клинтон, а претходно оствари средба и со шефот за национална безбедност, Роберт Гејтс.

„Дора Бакојани не` гази на сите меридијани!“ - овој наслов од весникот „Време“ е еден од ретките што во македонскиот печат посветува големо внимание на ефектите од престојот и изјавите на министерката Бакојани во САД. Нејзиниот политичко-математички гаф направен во Вашингтон беше забележан и од македонскиот печат. „Од територијата на Македонија, 51 насто и` припаѓаат на Грција, во Бугарија се 38 насто, во ФИРОМ 36 или 37 насто од територијата и еден насто и` припаѓа на Албанија“ - самоуверено процени грчката министерка, со цел да објасни дека право на името Македонија имаат сите соседни земји. Но, според нејзината проценка, вкупната територија на Македонија изнесува над 127 насто, а не сто проценти, како што вели математиката.

„Кој лаже - тој и греши“

Griechische Außenministerin Dora Bakoyannis
Дора БакојаниФотографија: AP

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, за „веселата математика“ на Бакојани изјави: „Кој лаже - тој и греши“. Но, Антонио Милошоски не пропушти да ги отфрли обвинувањата од Атина дека Груевски и македонскиот национализам можат да го дестабилизираат регионот. „Ако се говори за национализам на Балканот, мислам дека владата на Република Грција е многу поблиска до него“, рече Милошоски.

Шефот на македонската дипломатија потврди дека македонската страна ја отфрла нотата од Грција, поради неговиот став изнесен во интервју за весникот „Тагесцајтунг“, во кое вели дека Атина треба да го признае македонското малцинство во својата земја. „Ако нашите изјави можат да се сметаат за пристрасни, можеби најдобро е самото грчко Министерство за надворешни работи да ги прегледа извештаите на грчкиот ’Хелсиншки комитет’. А на крајот на краиштата, таму има формирано и политичка партија која тоа го декларира и која има свои поддржувачи“, изјави Милошоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема