1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски во Париз

Тони Гламчевски5 февруари 2008

Министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски во Париз се обрати во францускиот Институт за меѓународни односи. Милошоски денеска се среќава и со високи француски претставници.

https://p.dw.com/p/D2U8
ПаризФотографија: AP

Сите политички фактори во ЕУ декларативно прифаќаат дека местото на Балканот е во Европската Унија. „Сепак, би било многу позначајно доколку Европа го признае фактот дека Балканот нуди вредности за европската идеја, за европската кохезија, како и за европската економија“ - рече министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски, при неговиот настап во Францускиот институт за меѓународни односи (ИФРИ).

Франција има голема мисија

Шефот на македонската дипломатија непосредно пред денешните средби со највисоките претставници на француската надворешна политика, Министерот Бернар Кушнер и советникот на претседателот Саркози, Жан Давид Левит, не криеше дека балканските земји очекуваат Франција да ја поведе Европа во нејзината историска мисија, односно кон нејзино проширување со земјите од Западниот Балкан.

Франција за Милошоски е земја со голема мисија. Нејзината улога во креирањето на Европа, како и францускиот ангажман на Балканот во минатото, како што рече, дава за право да се очекува дека Франција ќе работи на довршување на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Македонија наоѓа модалитети за јакнење на различните вредности

Во таа прилика Милошоски не пропушти да нагласи дека неговата земја, Република Македонија, со целосен респект кон разликите што ги има внатре, успева да изнајде модалитети за јакнење и развивање на различни традиции и вредности. „Македонија гради функционален модел на демократија и нејзиното мултиетничко и мултикултурно општество претставува препознатлива придобивка во градењето на заедничкиот европски дом.“нагласи македонскиот шеф на дипломатијата.

Пред присутните во ИФРИ, Милошоски се задржа и на прашањето со името. Притоа тој изрази надеж дека ќе се постигне заеднички прифатливо решение, како и заедничка почит кон историјата во регионот како што тоа со својот пример го направи Запад.

Посетата на Милошоски - „затоплување“ на односите меѓу двете земји

Претходно, Милошоски во Париз се сретна со министерот за земјоделство и риболов на француската влада Мишел Барние, поранешен шеф на дипломатијата и поранешен еврокомесар. Во Националното собрание тој имаше средба со претставниците на парламентарната група за пријателство, Франција – Македонија, при што беше организирана и работна вечера од страна на претседателот на групата Филип Дурон.

Die Nationalversammlung in Paris
Францускиот ПарламентФотографија: AP

Случајност на агендата, Милошоски допатува во Париз на денот кога двата дома на францускиот парламент беа состанати во Версаj, каде извршија измени на Уставот на Република Франција. Овие промени ќе се овозможат ратификацијата на Лисабонскиот договор, кој со реформите на европските институции ги отвора вратите за ново проширување на Европската унија.

Посетата на Милошоски значи и „затоплување“ на односите меѓу двете земји бидејќи по подолго време, поточно од декември 2006 ова е прва официјална средба на претставници на француската и македонската влада. Што е од особено значење за Македонија, бидејќи Франција ќе претседава со ЕУ во текот на втората половина на годината, кога се најавува дека ќе и биде даден датумот за преговри на оваа балканска земја.