1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски во Софија

Горан Момировски3 ноември 2006

Првата посета на македонски министер за надворешни работи на Софија по период од пет години, ги потврди пријателските односи меѓу двете земји, но не успеа да ја отстрани дамката која настана по одбивањето на софискиот суд да ја регистрира ОМО Илинден – Пирин.

https://p.dw.com/p/AdbL
Ивајло Калфин (на сликата) разговараше со македонскиот колега, Антонио Милошоски
Ивајло Калфин (на сликата) разговараше со македонскиот колега, Антонио Милошоски

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски и неговиот бугарски колега, Ивајло Калфин потпишаа спогодба со која македонските граѓани од први јануари во Бугарија ќе патуваат со бесплатни визи. Договор падна и за бугарското лобирање на самитот на НАТО во Рига, за евроинтеграцијата на Македонија и за нафтоводот АМБО. Двајцата министри единствено не се согласија да ја премолчат темата македонско малцинство во Бугарија. Иако Калфин побара да не се зборува за стари клишеа и парадигми, Милошоски денеска, по вчерашната средба со партијата на Македонците, го отвори ова прашање. Одговорот на Калфин е дека Бугарија не се плаши од Комитетот на министри при Советот на Европа затоа што одлуките во врска со ОМО Илинден – Пирин се целосно исполнети:

“Решението на Судот за човекови права не налага регистрација на партија. Тоа значи дека не се исполнети условите за регистрација на партијата ОМО Илинден – Пирин. Биугарија беше осудена и ја плати својата парична казна. Мислам дека со тоа Бугарија исполни се што бараше Стразбур“, рече Калфин.

На прес –конференцијата македонскиот министер во дипломатски стил избегна да ја обвини Бугарија за кршење на колективните човекови права на Македонците. За ова прашање тој ќе чека реакција од Стразбур.

“Јас не сум судија во Европскиот суд за чпвекопви права за да може да давам свои оценки за судскиот систем во Бугарија“, изјави Милошоски.

Иако според протоколот беше предвиден превод на двата јазици, Калфин и Милошоски не им дозволија на преведувачите да ја завршат својата работа. Шефот на македонската дипломатија денеска се сретна и со бугарскиот претседател, Прванов, претседателот на бугарското собрание, Пирински, а го посети и гробот на Ѓорче Петров во Софија.