1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски: еднострани предлози не водат до компромис

16 април 2009

Шефот на македонската дипломатија Милошоски со констатација-спорот со Грција не е само за името, туку има скриена агенда, која станува и отворена да му наштети на националниот и јазичен идентитет на македонскиот народ.

https://p.dw.com/p/HYOX
Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на МакедонијаФотографија: DW

Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, денеска упати прилично силна порака за мобилизација на националното единство на сите нивоа. Во коментарот на изјавата на амбасадорот на Грција во Вашингтон, Алаксандрос Маљас, дадена деновиве, дека предлогот „Република Северна Македонија“ може да доведе до решение за спорот, Милошоски смета дека спорот со Грција не е за името, туку има за цел да наштети на националниот и јазичен идентитет на македонскиот народ, тврди министерот за надворешни работи.

„Овој спор не е само за името“

„Ако оние кои веруваат дека со лесни и брзоплети отстапки по однос на уставното име на Република Македонија ќе направиме нешто што ќе го зацврсти нашето национално достоинство сметам дека треба да се преиспитаат, бидејќи тука притисоците нема да запрат. Овој спор не е само за името и овој спор има една скриена, а сега веќе станува и отворена агенда да наштети на националниот и јазичен идентитет на македонскиот народ и на македонските граѓани. Како политичари, како новинари и како граѓани на Репбулика Македонија имаме суверено право врз основа на меѓународните норми, но имаме и обврска да го заштитиме нашето национално достоинство,“ кажа денеска Милошоски.

Mazedonische Aussenminister Milososki und seine griechische Kollegin Dora Bakojani
Средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција (архива)Фотографија: MIA

Според него, изјавата на Маљас дека предлогот „Република Северна Македонија“ може да доведе до решение е еднострана идеја, која се’ уште не е конкретизирана и одговара само на една страна, поради што се нарушува целта на процесот на дијалогот за да се стигне до компромисно решение.

Не се потребни дополнителни географски одредници

Во однос на географските одредници, тој посочи дека во Република Грција до 1988 година не постоела област, што го носеше името Македонија.

„Во употребата во Грција на терминот Македонија има доволно географија за што сметам, дека дополнителна географија не е потребна за да се прави разлика со Република Македонија која е основана како држава и се наоѓа на истото место од своето основање, не е поместена ниту посеверно, ниту појужно, ниту позападно, ниту поисточно и кога сме се основале како држава во 1945 година во тогашната Југославенска федерација, Грција немала никакви пречки со уставното име на Македонија.“ тврди министерот Милошоски и посочува дека постојат дописи со кои тогашната Канцеларија на врски во Скопје го употребувала без проблеми уставното име на Република Македонија.

Реплика на изјавата на Кумуцакос

Официјално Скопје му реплицира и на портпаролот на грчкото МНР Јоргос Кумуцакос дека со препораката од Министерството за надворешни работи на Република Македонија до македонските граѓани да избегнуваат да патуваат во Грција „уште еднаш е нанесена штета на односите меѓу двете земји“. Оваа изјава посочува оти тој не е запознаен со оценките на неговиот премиер Костас Караманлис за безбедносната состојба во таа земја, рече Елена Димчова од прес-службата на македонското МНР.

Пред неколку дена грчкиот премиер драматично најави дека безбедносната ситуација во Грција е влошена и оти ќе бидат зголемени безбедносните мерки поради зголеменото делување на екстремистите и зголеменото насилство во Грција. „Оттука дилемите се дали Република Македонија е таа која шири дезинформации за состојбите во Грција или, пак, тие дезинформации ги дава премиерот Караманлис и дали македонското МНР ги дезинформираше граѓаните, кога и такви предупредувања до своите граѓани пред неколку дена упатија и властите на САД, Велика Британија, Австралија и други држави,“ прашуваат во македонското МНР.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска