1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски: „Македонско претседателство 2010“ - најсоодветно за Македонија

27 април 2010

Шефот на македонската дипломатија Милошоски се состана со највисоките раководители на СЕ во рамките на подготовките за претседателството со Комитетот на министрите. Под кое име Македонија ќе претседава?

https://p.dw.com/p/N7MT
Советот на Европа

Подготовките за претседателството со Комитетот на министрите на Советот на Европа од страна на Република Македонија се приведуваат кон крај. На 11 мај на 120-та сесија на Комитетот на мининстрите земјата ќе го преземе претседателството од Швајцарија. Кога Република Македонија во 1995 година, стана членка на Советот на Европа, таа беше примена под привремената референца „Поранешна југословенска република Македонија“. Под ова име нејзините претставници заседаваат во различните органи на оваа најстара паневропска организација. Секое користење на уставното име Република Македонија наидува на остри реакции од грчките претставници, кои понекогаш бараат од претставниците на Македонија да не го користат уставното име на земјата и да се служат со привремената рефернца.

Вниманието во Македонија и во Стразбур е свртено на тоа, под кое име ќе биде претседателството

Во досегашните подготовки, целокупната кореспонденција за претседателството со Советот на Европа го содржи терминот „Македонско претседателство 2010“. „Тој начин на ословување би бил најсоодветен за нас како земја, којашто би си го заштитила минимум своето национално достоинство како претседавач, не би бил во колизија со нормите на Советот на Европа и во секој случај би одговарал на духот на оваа куќа на човековите права, слободата и демократијата,“ изјави за Дојче веле идниот претседавач со Комитетот на министрите, македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

Имено, во Советот на Европа придавката „македонски“ се користи за именување на македонскиот јазик, култура, народ или малцинства од сите негови органи и од Европскиот суд за човекови права. Советот на Европа не може самиот да си ги погази своите принципи и вредностите кои ги брани.

Генералниот секретар Торбјорн Јагланд се надева дека претседателството нема да го стави во прв план прашањето за името. Според него се’ зависи од процесот кој се води во ОН. „Ние овде во Советот на Европа не можеме ништо да направиме за да се променат нештата, ние зависиме од процесот што се води во ОН. Се надевам дека претседателството ќе дозволи да се зацврсти позицијата, репутацијата и угледот на земјата, не само во Европа туку и пошироко и дека целото претседателство ќе функционира според прагматични основи.“

Дали спорот за името може да го засени македонското претседателство со Комитетот на министрите?

Во Стразбур се стравува дека спорот за името може да го засени претседателството на Македонија, ако се случуваат постојани инциденти на состаноците со претставниците на Грција. „Ние, и на нашите грчки соседи и на сите заинтересирани уште од самиот почеток им ставивме до знаење, дека политичкиот, билатералниот проблем со името којшто го наметнува Република Грција си има своја рамка. Има своја институција во рамките на ОН во која водиме македонско-грчки дијалози. Ниту ние, а се надевам ниту Грција немаме намера да го обременуваме Советот на Европа со прашања коишто не се релевантни за суштината и работата на оваа организација,“ нагласи министерот Милошоски кој вчера во Стразбур имаше состанок со највисоките раководители на Советот на Европа во рамките на подготoвките за претседателството.

Во Комитетот на министрите не е предвидено гласање или процедура на потврда или отфрлање на насловот на едно претседателство. Под кое лого и наслов ќе претседава Република Македонија официјално ќе биде познато за околу десетина дена. Фактот што грчката парламентарна делегација, која учествува на Парламентарното Собрание на Советот на Европа не покрена инцијатива за оспорување на македонското претседателство, во Стразбур станува се’ поизвесно, дека претседателството најверојнатно ќе биде под насловот „Македонско претседателство 2010“.

Автор: Тони Гламчевски

Редктор: Александра Трајковска