1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милчин тврди дека не бил кодош

Александар Методијев25 јули 2011

Целата процедура на комисијата за лустрација е политички линч, обвинува професорот на факултетот за драмски уметности и директор на Фондацијата Институт отворено општество, Владимир Милчин.

https://p.dw.com/p/122wV
За Владимир Милчин лустрацијата е пресметка со политичките неистомисленициФотографија: Makfax

Комисијата за лустрација минатата недела го прогласи за кодош. Според Милчин, крајна мета на овој процес била фондацијата, која се борела за слобода и демократија. Тој убедува дека не соработувал со службите од поранешна Југославија, туку дека бил следен од нив.

„Не може лице кое што било предмет на обработка истовремено и да биде соработник. Се работи за лаги и монтажи. Соочени сме со таканаречена лустрација, чиј предмет е политичка пресметка со неистомисленици. Стравот нема да ми ја затвори устата или да ми го блокира мозокот“, изјави Милчин на прес-конференцијата во Скопје.

Информации од министерката

Во 2000-та година, тогашната министерка за внатрешни работи, Доста Димовска го известила дека за него постои досие на 217 страници. Како што тврди Милчин, од досието што го добил од институциите излегло дека тој бил жртва и побарал до 2047 година, кога тој би имал 100 години, тоа досие да остане тајна.

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Милчин ја побарал и листата на лицата што го следеле, но на неа недостасувал еден човек, за кој бил сигурен дека го имал следено. Службите почнале да го следат во 1977, поради неговите анархолибералистички позиции, односно критичката настроеност кон тогашната власт. Притоа биле прислушувани разговорите со неговите покојни родители, а била отворана и неговата пошта.

Прекршена процедура

Милчин обвинува дека комисијата за лустрација ја крши процедурата, бидејќи најави дека целата содржина на досието ќе ја стави на Интернет, а со тоа пред време му лепи етикета. Тој забележува и дека процесот на лустрација го води претседател со истечен мандат.

На новинарско прашање дека според информации на Комисијата не се работи за досие на УБК, туку за досие кое што постоело во архивот, Милчин вели дека таа приказна е невозможна и дека ако имал и соработничко досие требало да му биде доставено во 2000 година.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Меѓу новинарите на пресот имаше и граѓанин, кој го праша Милчин каде е досието на неговиот татко и дали го споредил со своето, на што Милчин рече дека не ги споредил и дека татко му, Илија Милчин, ја запалил копијата од своето досие.

Владимир Милчин излезе во јавноста откако Комисијата за лустрација потврди дека една од изјавите на поранешен носител на јавна функција не се совпаѓала со нивните податоци. Дел од македонските медиуми пренесоа дека соработничкото досие под псевдонимот „Драматург“ се однесува на поранешен декан на Драмскиот факултет и носител на повеќе јавни функции, а беше нагласено и дека истиот бил ангажиран во невладиниот сектор.

Автор: Александар Методијев/ Макфакс

Редактор: Горан Чутаноски