1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милoшоски нема да биде министер за надворешни работи

30 јуни 2011

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски се откажа од функцијата. Објаснувањето е од семејни причини. Милошоски имал дилема дали да биде добар министер или добар татко. Го одбрал второто.

https://p.dw.com/p/11mdq
Антонио МилошоскиФотографија: AP

„Имав дилема, плаќав висока и скапа цена заради предолгото и пречестото отсуство од домот. Дилемата беше дали да се биде добар министер или да се биде добар татко. ВМРО-ДПМНЕ има добри човечки потенцијали, министер може да биде и друг човек, но татко на мојот син не може да биде никој друг освен мене“, рече Милошоски на денешната прес-конференција.

Меѓутоа, семејните обврски нема да го оддалечат Милошоски од политиката. Од министер заминува во пратеничките клупи и се надева дека ќе претседава со Комисијата за надворешни работи.

NO FLASH Antonio Milososki und Ban Ki Moon
Милошоски и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун (архива)Фотографија: MIA

Дилемите за напуштање на министерството се појавиле пред шест месеци. Тогаш Милошоски разговарал со премиерот Груевски, а конечната одлука била донесена по изборите. Прашан дали неговото повлекување ќе влијае врз македонско-грчките преговори, Милошоски вели дека владата на многу високо ниво ги поставила членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, но дека единствената пречка на тој пат е спорот за името. Владата вложила многу труд да се надмине тој проблем и тука немала да застане. Милошоски му понуди помош на новиот шеф на македонската дипломатија.

„Како министер за надворешни работи кој стекна политички, но и дипломатски капитал поврзан со одредени дискретни прашања поврзани со македонско-грчкиот спор. Свесен сум дека и понатаму треба да бидам на располагање на оној, кој ќе биде избран за наследник како министер за надворешни работи“, истакна Милошоски.

Антонио Милошоски не откри кој ќе го наследи. Премиерот Груевски размислувал за неколку опции, но имиња не се соопштуваат.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема