1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минимална плата – да или не?

1 мај 2007

Дали во Германија треба да има определена минимална плата или не? Околу ова прашање има недоразбирања во големата коалиција во Берлин, а темата доминира и со годинашното одбележување на Денот на трудот први мај.

https://p.dw.com/p/AbxQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

“Пристојна плата за пристојна работа“ бараа германските синдикати и на власта и порачуваат дека платите треб ада бидат доволни за живот. На централната прослава на први мај во организација на Сојузот на синдикатите, претседателот на синдикалците, Михаел Зомер рече: од полетот во стопанството за кој зборуваат економистите, мора да профитираат сите, а не само богатите и оние кои и онака имаат огромни плати. Зомер бара со закон да се определи минамалната плата во државата. Никој во оваа земја не треба да работи за помалку од седумипол евра по работен час, изјави Зомер на собирот во Гелзенкирхен.

Со барањата на синдикатите се согласува и Социјалдемократската партија, која е дел од владеачката коалиција во Берлин. Шефот на СПД, Курт Бек, денеска повтори дека минимална плата треба да се воведе, барем во определени бранши. Минималната плата не е некаква луда идеја на синдикатите и социјалдемократите, нагласи Бек. Генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл, со конкретни бројки објаснува: “Сведоци сме на развој на ситуацијата во која луѓето кои работат напорно и со полно работно време од утро до вечер не можат веќе да преживеат од својот труд. Над 570 илјади луѓе кои се вработени мораат да добиваат дополнителна помош од државата. Тоа не е во ред. Кој работи напорно, од тоа мора да може и да живее.“

Но, Христијанско-демократската унија, другиот коалиционен партнер во владата, не е на исто мислење. Според ЦДУ минимална плата не е потребна, зашто ако тоа се направи ќе се затворат многу работни места. Генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала, тврди:

“Законски определена минимална плата е сладок отров - сладок зашто е гарантирана минимална плата, но отров е затоа што уништува стотици илјади работи места.“

Судирот околу минималната плата е толкав што работната група за оваа цел минатата недела ја заврши работата неуспешно, па сега судирот меѓу СПД и ЦДУ треба да го решаваат раководствата на владеачките партии.