1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Israel Niebel Gaza

20 јуни 2010

Германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел од петокот е во четиридневна посета на Израел и палестинските области. Тој сакаше да го посети и појасот Газа, но израелските власти не му дозволија.

https://p.dw.com/p/Nxp4
Дирк Нибел (ФДП)Фотографија: dpa

Одбивањето на израелската влада да му дозволи на Дирк Нибел да го посети појасот Газа и` ја донесе досега најострата критика од претставник на германска влада. Тоа само покажува дека владата во Ерусалим се плаши од транспарентност, одговори Нибел на израелскиот потег.

„За мене тоа претставува голема надворешнополитичка грешка на израелската влада. Токму сега, кога Израел најави дека сака да ја промени политиката кон Газа и дека ќе се погрижи за полесна размена на стока и луѓе, (мојата посета) ќе беше добар политички знак. Посакувам од израелска страна да се дадеше знак за поголема отвореност и транспарентност. Меѓутоа, некогаш израелската влада им ги отежнува напорите на нејзините пријатели да сфатат зошто го прави она што го прави“, рече министерот за развој, од редовите на ФДП.

„Голема политичка грешка“ - во дипломатскиот јазик ова претставува остра реакција и јасна критика. Министерот за развој преговараше со израелските власти до последен момент - безуспешно.

Салам Фајад, премиерот на Палестинците, е исто така разочаран од ваквиот развој на настаните. За државното германско радио тој истакна дека кога Израел не дозволува германски министер да го посети Појасот, тогаш очигледно има некаков проблем. Израел досега најави дека сака само да ја олабави блокадата на појасот Газа. Меѓутоа, Палестинците се залагаат за целосно укинување на рестрикциите и слободен проток на стока, како единствен начин да се изгради функционална економија.

По зборовите - дела

Palästinenser Gaza Neuer Tunnel vom Gaza-Streifen nach Ägypten
Палестинците копаат тунели до Египет, за да се снабдат со потребните намирнициФотографија: picture-alliance/ dpa

И во очите на германскиот министер за развојна помош, Дирк Нибел, блокадата на Газа е неодржлива. Зборовите на израелската влада треба да бидат проследени со дела, истакна Нибел.

„Досегашните најави не се доволни, сега Израел треба и да ги спроведе. И мора да биде начисто со тоа како сака да соработува со своите пријатели во иднина. Треба конечно да добиеме ’црна листа’ на работи кои не смеат да бидат увезувани во Појасот, за се` останато да може слободно да влегува. Се разбира, треба и долгорочно укинување на блокадата како таква“, побара Нибел.

Својата разочараност министерот ќе ја изнесе и во разговорите со претставниците на израелската влада на крајот од неговото патување. Министерот во појасот Газа требаше да ги посети проектите за развој финансирани со германски средства, како на пример постројката за прочистување на вода, на која итно и` беше потребна поправка и модернизација. На Западниот Брег се гради сосема нова ваква постројка, исто така со германска помош.

Централниот совет на Евреите во Германија изјавиte на Нибел ги нарече детски и цинични. Израел и во минатото одбиваше барања на странски политичари за патување во појасот Газа со образложение дека Хамас, кој таму владее од 2007 година, е терористичка организација. Освен тоа, не може да биде гарантирана ниту безбедноста на странците.

Автор: Кристоф Грабенхајнрих/дв/Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска