1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерство за интеграција е лекот?

Фера Керн / Александар Методијев10 октомври 2013

Зборот интеграција во Германија има лоша репутација. Експертите за миграции сметаат дека е дојдено време нешто да се промени и тие и’ предлагаат на новата влада формирање на посебно Министерство за интеграција.

https://p.dw.com/p/19xJu
Фотографија: imago/imagebroker

„Ако некому, чија фамилија живее во Германија од пред три генерации, му се каже - сега убаво ќе се интегрирате, тогаш тоа е чиста навреда“, вели берлинскиот истражувач на прашања поврзани со мигрантите Клаус Баде. Од 1950-те години гастарбајтери од Италија, Шпанија или Турција доаѓаа и остануваа во Германија, која стана доселеничка земја. Секој петти Германец има мигрантско потекло. Но, и покрај тоа, интеграцијата се поврзува со нешто негативно - се поврзува со проблеми.

Лошата репутација е можно да е поврзана со тоа што интеграциската политика пред се’ е сместена во Сојузното министерство за внатрешни работи. Тоа се грижи за безбедносни прашања, за почитување на законот, за битка со левичарски, десничарски и исламистички закани. Помалку станува збор за тоа на луѓето со мигрантско потекло да им се даде квалификувано образование, да им се овозможат добри работотни позиции и да им се дозволи да учествуваат во општествениот и социјален живот. Тоа мора да се промени, нагласува Клаус Баде.

„Политиката на интеграција денес повеќе не е социјална терапија за луѓе со мигрантско потекло, туку е општествена политика за инклузија на сите“, вели тој. Во јавно писмо тој, заедно со други научници од Советот за миграции, ја повика идната сојузна влада да направи нов почеток во интеграциската политика.

Поврзување на надлежностите во едно министерство

Највисок приоритет за научниците е реформата во надлежните органи. Пред се’ тие предлагаат посебно Министерство за интеграција, со сектори одговорни за сите миграциски прашања поврзани со населението, економијата, општеството и културата. Сега за интеграциските курсеви е задолжена Сојузната служба за миграција и бегалци, за миграцијата поради работа е задолжено Министерството за труд, а за прашања поврзани со визите е Министерството за надворешни работи.

Muslime in Deutschland
Ќе направи ли Меркел Министерство за интеграција во новата влада?Фотографија: Getty Images

„Напорите што се вложуваат веќе одамна не се доволни“, оценува Мехмет Танриверди, претседател на Сојузната асоцијација на здруженија на имигранти. Тој смета дека со досегашните институции и закони не може да се одговори на демографските промени и на барањата на едно модерно доселеничко општество.

Идејата за едно единствено Министерство за интеграција не е нова. Во преговорите за коалиција во 2009-та година меѓу ЦДУ/ЦСУ и ФДП беше негативно одговорено на ваквата идеја. Здруженијата на доселениците се сомневаат дека пред се’ ФДП била против таа идеја. На септемвриските избори годинава партијата не освои доволно гласови, па таа нема да биде дел од новата влада. Танриверди во тоа гледа добри шанси за создавање на посебно Министерство за интеграција, бидејќи СПД и Зелените ја поддржуваат таа идеја.

Повеќе германски покраини веќе направија чекор напред во тој поглед. Баден Виртемберг има посебно Министерство за интеграција. Во Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија, Хесен и Рајнланд Пфалц има министерства кои покриваат повеќе области и се грижат и за интеграцијата. Такво нешто би било замисливо на сојузно ниво.

Pressekonferenz Türkische Gemeinde Kenan Kolat
Кенан КолатФотографија: picture-alliance/dpa

Партиципација наместо интеграција

Сојузниот министер за интеграција би можел да биде значаен сигнал и тој не мора да има мигрантско потекло, вели Кенан Колат, сојузен претседател на „Турската заедница“ во Германија. Според него, важно е за оваа тема да се зборува во јавноста. За организацијата која ја претставува, оваа институција би требало да се нарекува Министерство за партиципација и миграција. Колат сака изразот интеграција да се замени со партиципација, кој се однесува на социјално учество во сите области. Според него, ова подобар збор од проблематичниот - интеграција.

На Германија и’ требаат доселениците и стручната работна сила за да се справи со демографските промени. Веќе се повикани негуватели и инженери од европските кризни земји. Експертот Баде вели дека „не треба да се имаат илузии дека со новите институции веднаш ќе се добие и нова политика“. Според него, треба да се промени културата на добредојде во земјата.