1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мини хидроцентрали или туризам?

Милан Шутало/ А.Трајковска21 август 2013

Додека ЕУ преку ИПА фондовите финансиски го помага развојот на туризмот на троимената западнохерцеговска река Тихаљина - Требижат - Младе, жупанската власт планира изградба на мини хидроцентрали на оваа река.

https://p.dw.com/p/19SfC
Фотографија: DW/M. Šutalo

Под името Тихаљина, троимената западнохерцеговска река извира кај местото Пеќ-Млини во општината Груде, каде се наоѓа истоимената хидроцентрала, изградена пред осум години и засега единствена на оваа река полна со брзаци и водопади.

На еден од нив - водопадот Кравице и капалиштето под него, 25 километри по текот на реката, во општината Љубушки, овие врели летни денови врие како во кошница. Хрвоје од Мостар тука го доведе пријателот Мирослав од Загреб.

Tourismus in Bosnien und Herzegowina
Водопадот КравицеФотографија: DW/M.Sutalo

„Храната е одлична, амбиентот е совршен, сѐ е одлично, сѐ е совршено“, задоволен е Мирослав и дополнува дека тука е многу поубаво отколку на загрепското езеро Jарун.

Силвија на водопадот Кравице стигна од Макарска. „Оваа година има многу луѓе. Минатата година не беше вака, беше поинтимно. Водата е одлична, храната е најдобра“, вели Силвија.

И угостителите во Кравице се задоволни. Тие меѓутоа тврдат дека за време на работата на хироцентралата Пеќ-Млини водата во реката нараснува за 20 сантиметри и капалиштето под водопадот Кравице се разладува, но засега велат не ги одвраќа посетителите. Освен капењето на водопадот, туристите во изминатите години ги привлекуваше и кану- сафарито, возењето со кајак од капалиштетот Божјак, 4-5 километри под водопадот Кравице до устието на реката која во овој дел се нарекува Требижат, во Неретва кај Чапљине.

Tourismus in Bosnien und Herzegowina
КравицеФотографија: DW/M.Sutalo

Но што би се случило доколку по овој тек би биле изградени шест мини хидроцентрали, како што предвидува предлогот за просторниот план на Западнохерцеговската жупанија? Против тоа се побуни општината Љубушки. Раководителот на општинскиот оддел за урбанизам Луција Микулиќ вели дека со просторниот план се штити широк појас околу реката, но истовремено се предвидува изградба на мини хидроцентрали на реката, што, како што вели, претставува конфликт во просторот, бидејќи како што тврди - хидроцентралите се и загадувачи. Екологот Маринко Далматин истакнува дека мини хидроцентралите не се класични загадувачи, но, дополнува дека тие влијаат врз фоларата и фауната.

Да се одреди биолошкиот минимум

Се наметува прашањето дали е можно на оваа река да се произведува струја, да се развива туризмот и да се зачува растителниот и животинскиот свет. Далматин вели дека на ова прашање не може да се одговорни недвосмислено:

„Една канадска фабрика изработи стратешка студија за тоа, но таа е отфрлена“, тврди Далматин. Тој појаснува дека во случај на изградба на мини хидроцентрали е важно да се дефинира биолошкиот минимум на проток на вода низ коритото, како и маханизам за надзор на дефинирано ниво на водата, за да се сочува биолошката разноликост.

Градежниот инженер Крешимир Шаравања, чија фабрика ИГХ Мостар соучествуваше во изработка на нацрт просторниот план на Западнохерцеговската жупанија, истакнува тека тој не е ниту за ниту против изградбата на мини хидроцентрали.

Tourismus in Bosnien und Herzegowina
ТихаљинаФотографија: DW/M.Sutalo

„Ние во предлогот за просторниот план само предвидовме таква можност. Имено, ако тоа не се предвиди, тогаш не постои законска основа за нивна изградба во наредните пет години, во кој период не може да се менува просторниот план“, вели Шаравања.

Премиерот на Западнохерцеговска жупанија Зденко Чосиќ пак, објаснува дека тоа што со просторниот план е предвидена изградба на мини хидроцентрали не значи дека тие и ќе се градат, бидејќи градежните дозволи ги издаваат општините, а не жупанијата. „Ништо не се прејудицира со просторниот план, ниту може да се направи нешто во тој смисол без локалната заедница, односно општинските власти“, вели Чосиќ.