1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миразот убива илјадници жени годишно

Габриел Домингез / Ристо Ѓорѓиев8 октомври 2013

Поради конфликти околу миразот, во Индија годишно страдаат повеќе од 8.000 жени. Оние кои нема да ги убијат нивните сопрузи или нивните фамилии, често се убиваат сами. Индиската влада се обидува да ја сопре оваа пракса.

https://p.dw.com/p/19l3h
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Миразот во Индија е традиција стара неколку стотина години. На денот на својата венчавка невестата добива накит, злато и други вредни предмети од своето семејство. Колку е поголем миразот, толку ќе биде поголем и нејзиниот статус во семејството каде што ќе се мажи. Во исто време, тоа на овие млади жени им дава одредена финансиска сигурност во случај на нужда.

За време на британската колонизација (1858-1947) оваа традиција го променила своето значење, но сепак не исчезнала.

„Како последица на големите економски и општествени промени под британското владеење, жените го загубија своето право на добивање големи мирази. Оттогаш тие повеќе немаат контрола над обичајот, а со тоа падна и нивниот статус во општеството. Тоа ги направи ’помалку вредни’, што пак во целост го промени нивниот живот“ - објаснува американската историчарка Вина Талвар Олденбург. Таа додава дека оттогаш, невестата не го добива миразот директно, туку тој е даван од нејзината фамилија директно на фамилијата на младоженецот.

Symbolbild Indien Mitgift Massenhochzeit
Помалку вредни и непочитувани - жените во ИндијаФотографија: picture alliance/AP Photo

Вкоренето во општеството

Во почетокот овие пари (или некои други вреди предмети и недвижности) служеле за покривање на трошоците за свадбата, но со текот на времето станале важен начин на заработка. Миразот за семејството често претставува големо оптоварување и затоа често (ако не и во повеќето сличаи) машките деца се преферирани пред женските. Во некои сојузни индиски држави, кои се многу сиромашни, дури постои и пракса да се убиваат женските деца по раѓањето.

Но не е само тоа. Семејствата на младоженците често имаат големи очекувања за миразот, па тоа често предизвикува кавги помеѓу семејствата на младенците. Најголема жртва на сево ова е секако, невестата. Поради ваквите обичаи илјадници девојки стануваат мета на злоставувања, телесно и психичко малтретирање, а некои од нив се и отфрлени од својот сопруг и неговата фамилија.

Indien Mitgift Probleme Farzana in Neu Delhi 2003
Ако сопругот ги одбие, срамот паѓа врз несаканите невести и нивните семејстваФотографија: Prakash Singjh/AFP/Getty Images

Немал број од нив, малиот мираз мораат да го платат со својот живот, затоа што се случува да бидат запалени од семејството на младоженецот. Поради наведените причини, давање мираз во Индија е официјално забрането уште од 1961 година. Но и покрај ваквиот закон, миразот се‘ уште живее. „ Овој обичај се‘ уште постои во сите општествени слоеви, дури и добро образованите луѓе не се спротиставуваат на ваквиот обичај“ - вели Суман Налвар, полицајка од Њу Делхи која е задолжена за спречување на насилството над жените. „Постојат повеќе причини зошто миразот и насилството кое доаѓа со него се‘ уште се одржуваат: индиското општество е патријахално, владее беда и сиромаштија, а тука треба да се додаде и се‘општиот лош и недостоен за човек однос спрема жените“ - вели Ранџана Кумари, директорка на Центарот за социјални истажувања во Њу Делхи. „ многумина се‘ уште се придржуваат до верувањето дека по венчавката жената станува сопственост на мажот, а додека живее во своето семејство таа е ништо повеќе од финансиско оптоварување за нејзините родители. Доколку младоженецот и неговото семејство не се задоволни од миразот, тогаш често доаѓа до насилни судири“ - додава нашиот соговорник.

Indien Mitgift Hochzeit in Mumbai 2009
Муслиманки во Мумбаи, при масовно венчавањеФотографија: Sajjad Hussain/AFP/Getty Images

Насилството и неговите последици

Според официјалните податоци на индиската криминалистика, ваквите насилни чинови во последната година пораснале. Во 2001 година бројот на жени кои го изгубиле животот во вакви судири изнесувал 6.851, додека во 2012 пораснал на 8.233 жени. Сепак не е јасно дали бројот навистина пораснал, или семејствата почнале се‘ почесто да ги пријавуваат ваквите случаи. Но факт е дека бројот на осудени за вакви злосторства е многу мал, само еден од тројца извршители одговарал за своето злосторство. „За тоа постојат неколку причини. За почеток тоа се лошите истраги. Во Индија постои голем недостаток на полицајци, а и оние кои ја работат таа професија се лошо образовани. Покрај тоа кај нив постои висок степен на корупција. Семејствата на младоженецот често ги поткупуваат“ - вели Кумари. „Поради овие причини семејствата на жртвите не се ни осмелуваат да ги пријават злоделата. Освен тоа многумина се плашат и од стигматизацијата за време на судењата кои обично траат премногу долго. Затоа најчесто решението на ваквите злодела семјествата обично ги наоѓаат меѓусебно“ - вели Савита Панде, професорка за јужно-азиски студии на Универзитетот Џавахарла Нехру во Њу Делхи. Таа додава дека конфликтите околу миразот, често завршуваат со самоубиство на девојките. Колку е навистина нивниот број, никој не знае, властите во Индија сметаа дека на час по четири млади девојки извршуваат самоубиство, иако постојат закони кои ги штитат.

Indien Mitgift Hochzeit in Amritsar 2010
Многу невести по свадбата ги чека насилство, па и смртФотографија: Narinder Nanu/AFP/Getty Images

Култура на алчност

Тенденцијата да се бара повеќе мираз, на некој начин го објаснува и економскиот развој на Индија. „Венчавките се‘ повеќе стануваат општествени трансакции. Порастот на животниот стандарт ја зголемува и алчноста. Во денешно време идните сопружници имаат потреба од скапа електроника, автомобили и недвижности, додека пак порано тие се задоволуваа со облека, накит или некои помалку вредни предмети“ -вели Панде.

Иако се чини дека индиските власти не прават многу за да го сопрат овој бизарен обичај и насилството кое тој го носи, тоа сепак не е во целост точно. На пример во сојузната држава Тамил Наду, за таа причина се основани посебни полициски единици. Во државата постојат околу 200 полициски станици, кои првенствено се бават со оваа проблематика. „Мислам дека во Индија постојат доволно закони, она што недостасува е сепак свеста дека жените се еднакви со мажите. Жените се‘ уште немаат одговорна улога во индиското општество“ - додава Панде. Првиот чекор кон промена на ваквата ситуација, би било кога самите семејства би пружале отпор и би се обиделе да го отфрлат овој неморален чин.

На краткорочен план, сите експерти се согласни дека не постои решение за проблемите и трагедиите кои овој обичај ги носи. Владата на Индија и сојузните држави мораат да превземат поголема одговорност, да ја зголемат безбедноста на жената и да го спречат овој обичај. Додека тие не го направат тоа, миразот ќе продолжи да го диктира животот на мнозинството.