1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирно и без многу импровизации

Александар Чомовски3 март 2009

Изборната кампања во Македонија започна во мирна атмосфера. Во преден план се кандидатите за претседател на државата и доминираат темите за евро-атлантското интегрирање и спорот со Грција за името, оценуваат експертите.

https://p.dw.com/p/H4oy
Фотографија: AP

Стартот на изборната кампања се одвиваше во мирен амбиент. Речиси сите седуммина кандидати за претседател на Македонија во своите настапи ги отворија главните прашања, кои ќе ја одбележат оваа кампања. Заеднички именител за сите е НАТО и ЕУ. Разликите се во методите, кои ги предлагаат кандидатите за тоа како да се стигне до членство во овие организации. Универзитетскиот професор, Мерсел Биљали истотака смета дека кандидатите најмногу ќе се фокусираат на процесот на евро-атлантско интегрирање.

Europa Mazedonien
Процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО-доминантна тема на почетокот на кампањата

„Тоа практично станува централна тема, која ги засега и Албанците“, вели Биљали.

Од друга страна сенката на грчко-македонскиот спор за името лебди над секој изборен митинг. Сите кандидати се позиционираа. Опозицискиот СДСМ на митингот во Прилеп повторно ја истакна критиката за владината политика на „антиквизација на Македонија“ и застојот во преговорите меѓу Скопје и Атина за надминување на спорот за името. Професорката Јасна Котевска оценува дека факт е оти во земјата се води политика, која разединува меѓу „Македоноиди“ и „Македонци“, што на кратки патеки е лоша идеја, а на долги патеки неоперативна.

„Тоа е лоша идеја на кратки патеки, бидејќи очигледно разединува и води кон изолација“, вели Котевска.

Кој многу импровизира, губи

На почетокот на кампањата експертите забележуваат дека нема многу импровизација во настапите на претседателските кандидати. Сашо Пешев директор на агенцијата „Њу момент“ вели дека очигледно изборните штабови и „Пи Ар-агенциите“ нема да допуштат премногу импровизации од страна на кандидатите.

„Имаше неколку искуства во Македонија, во кои кандидатите одбиваа да работат со штабовите и често импровизираа за време на настапите. Тие кандидати најчесто ги губеа изборите или пак беа доведувани во теснец и испровоцирани“, истакнува Пешев.

Mazedonien Land und Leute Skopje
Локалните проблеми засега се во втор план на изборната кампањаФотографија: Nikos Pilos

Иако станува збор за паралелна кампања за претседателските и за локалните избори, засега во сенка на кандидатите за претседател се кандидатите за градоначалничките и функциите во локалната самоуправа. Граѓаните главно имаат можност да ги слушаат претседателските кандидати. Локалните проблеми се во втор план. „Граѓаните не се свесни дека тие можат да влијаат врз процесот на креирање политики на локално ниво“, коментира Марија Ристовска од Центарот за креирање политики, невладина организација со седиште во Скопје.