1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисијата на ЕУ на Косово не е ефикасна

Астрид Вулф / Симе Недевски31 октомври 2012

Критика за Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово од страна на Европскиот ревизиски суд: криминалот и корупцијата се и натаму секојдневие во земјата.ЕУЛЕКС сепак е есенцијален за иднината на Косово и регионот.

https://p.dw.com/p/16Zvk
Фотографија: picture alliance/dpa

Недоволно ефикасна: вака разочарувачки Европскиот ревизиски суд (ЕРС) ја оценува мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, накусо ЕУЛЕКС. Во вчера објавениот извештај на ЕРС се наведува дека на Косово и натаму во голема мерка има криминал и корупција. „Според нашите сознанија, полицијата на пример, се’ уште не може да се справи со тешките финансиски криминални дела како перењето пари, а често има и политичко влијание врз судството и полицијата“, вели Гијс де Врис, член на ЕРС. ЕУ и нејзините земји-членки од 1999 година наваму за помош на Косово дале 3,5 милијарди евра. За недоволниот напредок во земјата ревизорите од ЕРС не го обвинуваат само ЕУЛЕКС, туку и тешките услови на теренот и косовските власти. „Тие не прават доволно за да го засилат владеењето на правото во земјата“, истакнува де Врис.

Но и ЕУ мора да ги засили напорите, на пример во политичкиот диалог. ЕРС затоа предлага меѓу другото помошта за Косово подобро да се поврзе со безбедносните потреби на Унијата. Во изминатите години се’ повеќе луѓе од Западен Балкан се прошверцувани во ЕУ. Политичка реакција за тоа изостанува.

ЕУ има намера да ги следи препораките на ЕРС

Eine Einheit der EULEX im Kosovo
Фотографија: AP

Според ревизорските органи на ЕУ, покрај тоа треба да има повеќе стимуланси за Косово да ја подобри состојбата со владеењето на правото. „Визната слобода би можела да биде таков поттик. Таа, меѓутоа, е поврзана со 96 услови и поради тоа воопшто не е ефикасна како мотивација за натамошни реформи“, смета контролорот Де Врис.

Европската комисија реагира разбрано на извештајот: „ Оценките на ЕРС ги сметаме за многу важни и ќе ги следиме нивните препораки“, изјави Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Некои од укажувањата веќе се спроведуваат, порача Стано. Така на пример, се работи на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина. Премиерите на двете земји Хашим Тачи и Ивица Дачиќ седнаа на заедничка маса во Брисел со посредство на специјалната претставничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон во средината на октомври. Ештон во моментов е на балканска турнеја, а токму денеска (31.10.2012) престојува на Косово.

Пред се’ на северот на Косово постојано доаѓа до насилни судири. Причина се тензиите меѓу српското население и владините служби под албанско раководство. Комисијата меѓутоа ги истакнува и досегашните успеси во земјата. Преку мисијата ЕУЛЕКС досега биле разрешени 300 кривични и граѓански случаи на Косово.

Без меѓународна помош не оди

EU-Außenbeauftragte Catherine Ashton Ivica Dacic Hashim Thaci
Фотографија: European Union

Според Стано, Еврокомисијата, исто како и извештајот на ЕРС, гледа голем проблем кај косовските власти: „ЕУ со задоволство помага, но најнапред мора да дејствуваат одговорните во Приштина , меѓу другото и за решавање на проблемите на северот на земјата“. Притоа се’ се врти околу владеењето на правото. „Тоа мора да стои во средиштето на вниманието, зашто припаѓа кон основните вредности на ЕУ“, вели Стано. ЕУЛЕКС помага веќе четири години во справувањето со корупцијата и криминалот на Косово. Полицајци, обвинители и судии од ЕУ треба да помогнат за воведување на демократските стандарди и справување со криминалот. Воено мисијата на ЕУ е поддржана од заштитните трупи на НАТО- КФОР.

Меѓународната поддршка од ОН, НАТО и ЕУЛЕКС е есенцијална, вели Душан Рељиќ од Германскиот институт за меѓународна политика и безбедност. Парите тука не се залудно потрошени, смета овој експерт за Балканот кој истакнува дека поранешна Југославија останува кризно подрачје: Состојбата на теренот и натаму е толку лабилна, така што ситуацијата особено во Косово и во Македонија за многу кусо време може да се претвори во отворен конфликт.“

За Рељиќ основниот проблем е во тоа што борбата против криминалот ги засега и локалните носители на моќ. Поради тоа слабее подготвеноста на политичката класа да соработува со меѓународните експерти. Поради тоа извештајот на ЕРС има дотолку поголемо значење: тој покажува дека ЕУЛЕКС остварува и напредок, дури и ако е само мал напредок.