1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митрева се сретна со Бошковски

Елена Петреска31 мај 2006

Македонската влада ќе ја финансира одбраната на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски, кои во затворот во Шевенинген чекаат да им почне судењето за командна одговорност во случајот “Љуботен“.

https://p.dw.com/p/Ac6C
Судот за воени злосторства во Ден Хаг
Судот за воени злосторства во Ден ХагФотографија: dpa - Fotoreport

Шефот на македонската дипломатија, Илинка Митрева, која изутринава го посети Бошковски во затвор, му соопштила дека владата во Скопје, најверојатно на наредната седница ќе ја официјализира одлуката – за адвокатите на Бошковски да се издвојат 570 илјади евра од државниот буџет. Бошковски, кој се појавил во свежо издание, насмеан и облечен во светли бои, се израдувал кога ја слушнал веста од Скопје. Срдечно ја пречекал Митрева и со неа разговарал безмалку еден час, за разлика од Јохан Тарчуловски, кој некому му останал лут и одбил да ја прими министерката. Митрева не соопшти детали од разговорот со Љубе Бошковски. Според правилата во затворт каде лежат обвинетите од Хашкиот трибунал, за посетите на затворениците не смее да се зборува, дури и ако самите тие го дозволат тоа.

Пред посетата на Шевенинген, Митрева разговараше со холандската министерка за развој, Агнес Ван Арненс. Зборувале за натамошните холандски инвестиции во Македонија, како и за тоа како во земјата да се привлечат холандски турсити. Пајо Авировиќ, раководител на секторот за билатерала во македонското министерство за надворешни работи, изјави:

“Холандија потворно ја открива Македонија и двете страни се согласија дека во наредниот период постојат сите предуслови , бројот на холандските туристи во Охрид, но и во другите туристички центри во Македонија да се зголемува и да ја достигне онаа бројка што ја паметиме од минатото.“

Тридневната посета на Хаг Митрева ја заврши со средби во Долниот дом на холандскиот парламент. Од членовите на комисијата за надворешна политика, таа бараше поддршка за македонските евроинтеграции.