1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митрески: Сакам моите деца да играат фудбал во Германија

11 октомври 2011

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (11.10), со натпреварот против Словачка во Скопје, зад себе ги остава квалификациите за ЕП. На истиот натпревар Игор Митрески ја завршува репрезентативната кариера.

https://p.dw.com/p/12q4i
Игор МитрескиФотографија: DW

Се збогува со македонскиот национален дрес, зад себе оставајки деценски придонес во македонската репрезентација.

„Одиграв со речиси сите генерации во македонскиот фудбал. Но, сега дојде време за збогување со македонскиот дрес“, вели тој.

Митрески, дебито го имаше во 2001-та година. Се сеќава на својот прв репрезентативен настап против Чешка во Скопје:

„Дебитирав во 2001 година против Чешка. Во тоа време Чешка беше страшна репрезентација со фудбалери како што беа Недвед, Поборски, Колер...Како млад играч ми беше многу мило што против еден таков тим дебитирав со резултат 1:1 во Скопје.“

Големите настани - неисполнета желба

Со својата стаменост во одбраната, Игор Митрески во 70 натпревари ја добиваше довербата на македонските селектори. Вели дека се испреплетувале и добри и лоши резултати, жали поради неучеството на едно големо натпреварување, но има мечеви кои нема да ги заборави.

Logo Fussball EM Euro 2012
Квалификациите за ЕП за Македонија завршуваат со натпреварот против Словачка

„Не ми се исполни големата желба - Македонија да биде дел од Светско или Европско првенство. Како фудбалер тоа ме боли. Натпреварите кои ги паметам се: победата во Скопје над Хрватска со 2;0, нерешениот резултат против Англија 2:2 во гости, победата над Шкотска со 1:0...Македонија одигра повеќе добри натпревари.“

Што беше тоа што и‘ недостигаше на македонската репрезентација во изминатиот период? Кај Митрески нема дилеми:

„Мислам дека слабиот клупски фудбал го направи своето. Имаме мал број на квалитетни фудбалери кои играат во странство. Тоа е една од причините. Други репрезентации многу повеќе вложуваат во споредба со нас. Од финансиски аспект тие напредуваат. Ќе повторам - лошите услови во клубовите и финансиите го прават своето.“

Германија - фудбалски највпечатлива

Русија, Израел, Романија, Бугарија...беа дел од клупските дестинации на Митрески. Но, периодот на играње во Германија, во Енерги Котбус, го истакнува како еден од највпечатливите.

„Во Германија го доживеав фудбалот на најдобар начин. Одлични терени, максимални услови за работа, полни стадиони, уживање на луѓето во фудбалот - тоа е мојата слика за германскиот фудбал. Таа ми остави најдлабоки впечатоци. Не случајно, си обезбедив станбен простор во Берлин и сум со намера по завршување на кариерата да живеам таму. Би сакал моите деца да почнаат да играат фудбал во Германија, во добри услови, со одлични тренери. Според мене, германскиот фудбал е еден од најдобрите во светот.“

Mazedonien Fußball Vardar Skopje
Лошите услови во клубовите и слабите финансии се главна причина за слабиот репрезентативен успех, вели МитрескиФотографија: DW

Нефчи од Баку, првакот на Азербејџан, е клупската средина во која го продолжува својот фудбалски пат. Збогувањето со репрезентативниот дрес за Митрески е само затворање само на еден сегмент од кариерата.

„Секој играч еден ден мора да каже „доста беше!“ Можеби не сум многу стар за да би се откажал со моите 32 години, но мислам дека во моментов треба повеќе да му се посветам на семејството. Голема е поддршката што ја имам од мојата сопруга заедно со двата сина. Дојде време да им посветам поголемо внимание. Тешко ми е, но уверен сум дека младите кои доаѓаат ќе продолжат онаму каде што јас застанав.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска