1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мињон бара конструктивен дијалог меѓу власта и опозицијата

ЖА/миа11 јуни 2013

Демократските институции во Македонија се‘ уште се кревки: парламентарниот бојкот, како и употребата на итни постапки за донесување на важни закони, ja загрижуваат меѓународната јавност, вели претседателот на ПССE.

https://p.dw.com/p/18ndI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се надевам дека одлуката за почнување преговори за членство на Македонија во ЕУ ќе биде дадена за време на следниот состанок на Европскиот совет. Ова ќе претставува логично продолжение на настаните бидејќи на планот на реформите, постигнатиот напредок е ветувачки, а тоа се потврдува и со извештаите на ЕК, истакна денеска пред македонското Собрание претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Жан Клод Мињон. Сепак, наведе Мињон, демократските институции во земјата се‘ уште се кревки: парламентарниот бојкот, како и употребата на итни постапки за донесување на важни закони, покренуваат загриженост кај меѓународната јавност.

„Фактот што отпочнувањето на преговорите за членство е поздравен од страна на сите заедници и сите политички сили во вашата земја е меѓу другото, охрабрувачки сигнал. Овој голем консензус, како и политичката волја искажана од страна на македонските власти да се оди напред на патот на европската интеграција, заслужуваат да бидат ’наградени’“!, рече претседателот на ПССЕ.

Во исто време, вели Мињон, треба да се каже дека процесот за пристапување кон Унијата е долг и тежок.

„Посетувајќи ве како пријател на Македонија, ние целосно го признаваме напредокот кој е реализиран од страна на вашата земја, особено во доменот на судството и во борбата против корупцијата. Спроведувањето на Охридскиот рамковен договор – суштински елемент во политичкиот и институционалниот систем на вашата земја –дозволи да се одржи мирот, стабилноста и дијалогот меѓу етничките заедници во вашата земја“, рече Мињон. Во исто време, продолжи претседателот на ПССЕ, пријателскиот однос се содржи и во тоа критички да се гледа на ситуацијата.

„Демократските институции се‘ уште се кревки: парламентарниот бојкот, како и употребата на итни постапки за донесување на важни закони, покренуваат загриженост кај меѓународната јавност. Ова е многу загрижувачки затоа што употребата на итната постапка неодамна предизвика насилни судири дури и внатре во парламентот. Сите сме согласни дека постои потреба да се создадат цврсти гаранции за да се избегне во иднина повторување на такви ситуации, особено во однос на развивањето на конструктивен дијалог меѓу мнозинството и опозицијата, како и меѓу сите политички сили, во една пријатна средина на меѓусебно почитување“, рече Мињон пред пратениците.

Мартовскиот договор постигнат меѓу политичките сили, според него, овозможи да се нормализира ситуацијата, но сепак, многу е важно да се продолжи со конструктивна дебата во Парламентот притоа почитувајќи ги правата и на опозицијата.

„Меѓутоа, треба да се продолжи и со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор за да се осигура целосното учество во јавниот живот на сите заедници кои живеат во вашата земја, особено на етничките заедници, што би создало средина на доверба и конструктивна интеракција меѓу заедниците, што е исто така неопходно за заедно да се оди кон целта која тие ја споделуваат: европска интеграција“, рече претседателот на ПССЕ.

Mazedonien Parlament Skopje
Фотографија: AP

Мињон посочи на развојот на плурализмот во медиумите и на создавање на поволна средина за работата на новинарите, како на многу важни фактори неопходни за доброто функционирање на демократското општество. Реформите во доменот на судството треба да продолжат, рече Мињон, во однос на зајакнување на довербата на населението во независниот и непристрасниот карактер на судството. За овие прашања и во многу други домени, потсети претседателот на ПССЕ, СЕ располага со значајна и признаена експертиза од страна на цела Европа, како и во меѓународни рамки. Тој предложи, како што рече, заедничко размислување во однос на подобро определување на приоритетите, со цел да се насочат ресурсите и експертизата во домени каде има приоритетна интервенција  во смисла на подобро оптимизирање на соработката.

Осврнувајќи се на извештајот за Македонија, што го подготви Роберт Валтер, Мињон рече дека тој претставува цврста основа за да се започне меѓусебната дискусија.

Валтер, кој ќе му се придружи попладне, според Мињон, напиша одличен извештај, целосен и објективен, за главниот напредок на земјата во однос на заложбите и обврските во однос на Советот на Европа.

„Наша цел е овој извештај, како и Резолуцијата која ќе биде усвоена од Собранието да придонесат во приближување на приоритетите на нашата соработка која ќе биде секако заедничка и ќе служи за поддршка на многу програми на соработка кои ќе и‘ овозможат на Македонија побрзо да оди нанапред на патот на европската интеграција,“ рече Мињон.

Овие програми, додаде тој, би можеле да бидат дел од Повеќегодишниот акциски план подготвен во соработка со македонските власти и со СЕ, изразувајќи подготвеност за разговори уште денес.

Мињон, зборувајќи за добрососедските односи рече дека ние Македонија е дел од едно големо европско семејство, каде што добрососедските односи градат еден од столбовите на Европскиот проект.

„Понекогаш соседите не успеваат да се согласат за сите работи. Меѓутоа, емоциите можат да го надвладеат разумот, и тогаш градењето на добрососедските односи станува покомплицирано. Длабоко сум убеден дека еден искрен дијалог и заедничко почитување се неопходни за да се оди напред“, рече претседателот на ПССЕ.

Во соседските односи, додаде тој, се покажа дека секогаш е тешко да се одлучи за или против во случај на спор.

„Одговорноста е поделена и е апсолутно неопходно да се бара компромис. Би сакал тука да ве охрабрам вас и вашите соседи, колку што можете повеќе да го користите дијалогот и конструктивниот пристап за да се најдат заеднички решенија“, истакна Мињон.

Во април 2000 година, Собранието ја затвори постапката за следење во однос на Македонија и го започна пост-мониторинг дијалогот во однос на одреден број важни прашања.

„Денес, можеме да потврдиме дека нашите стремежи беа наградени со успех, бидејќи освен еден исклучок, сите европски земји се членки на Советот на Европа и во целост ги споделуваат нашите вредности. Регионот на Југоисточна Европа има јасна европска перспектива, што претставува за сите земји од регионот одлична можност да се забрзаат реформите. Меѓутоа, некои земји побрзо напреднаа, и затоа треба сите заедно да си помагаме и да учиме едно од други за подобро да напредуваме. Таква е според мене, филозофијата на Советот на Европа“, рече претседателот на ПССЕ. Тој и‘ честита на земјата за исполнувањето на заложбите и обврските во однос на Советот на Европа, како и во процесот на европските интеграции и смета дека напредокот бил јасно признаен од СЕ и од ЕУ.

Претседателот на ПССЕ Мињон пред пратениците во Собранието на Република Македонија ги претстави и активностите поврзани со неговото претседавање со ПС на СЕ.