1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Грци се враќаат на село

Сара Столарц / Александар Методијев15 април 2012

Со невработеност од над 50 проценти меѓу младата популација во Грција, црни се изгледите за оние само што започнуваат со кариера. За храната секогаш ќе има побарувачка и затоа некои размислуваат за земјоделие.

https://p.dw.com/p/14eEX
Фотографија: American Farm School

Апликациите во Американското земјоделско училиште, кое се наоѓа на само шест километри од вториот грчки град по големина – Солун, се зголемија за трипати во 2011-та. Годинава таа бројка ќе се зголеми за двапати. Директорот на училиштето Панос Канелис го објаснува зголемениот интерес со финансиската криза во земјата.

„Многу млади луѓе се прашуваат дали ќе можат да најдат друго решение, а алтернативата е земјоделието и сточарството“, вели Канелис.

Многу млади Грци имаат парче земја наследено од постар родител, баба или дедо. Она на што некогаш се гледаше како на непосакувана работа, за некои стана можност од животно значење.

„Општата тенденција за ’враќање кон природата’ или носталгичните мисли за ’враќање кон корените на Грција’ се користеше како еден вид на реторика. Сега тоа е неопходност", изјави директорката за упис на Американското земјоделско училиште Ели Константину.

American Farm School in Thessaloniki, Griechenland
Младите Грци во земјоделието гледаат подобра можност за преживувањеФотографија: American Farm School

Нови причини да се обработува земјата

Историски, во земјоделското училиште се запишувале деца на фармери од околните рурални места, но сега се’ повеќе градски деца покажуваат интерес за земјоделието и сточарството, што претставува знак дека работите се менуваат за оваа порано непопуларна кариера.

„Да бидам искрен – ова не беше мојот прв избор. Но, во сегашните услови се чини дека е вистински избор“, признава Танос Бизбирулас кој студира за менаџмент со фарма.

И неговиот соученик Вангелис Евангелу се согласува дека перспективите се добри за оваа професија. „Младите луѓе мислеа дека иднината е во работата во канцеларија, но сега знаат дека погрешија и сега се враќаат кон земјоделието и сточарството“, вели тој.

Падот во земјоделието е од пред неколку децении

Училиштето е основано пред 100 години од христијански мисионери, кога тој дел од земјата бил под отоманска власт. Денес, тоа прерасна во високо технолошки објект, во чии лаборатории се развија омега 3 јајцата, а во текот на 70-тите години од таму се промовирала употребата на мисиркиното месо.

Активностите во кампусот се контраст на она што се случува во земјоделскиот сектор во цела Грција. Директорот Канелис го лоцира почетокот на падот во тој сектор пред неколку децении, кога Грција се приклучи на ЕУ.

„Поради субвенциите што ги даваше ЕУ, многу Грци се одлучија да се откажат или да им ја препуштат земјата на други, во најголем дел имигранти“, се жали Канелис.

American Farm School in Thessaloniki, Griechenland
Падот во земјоделското производство почнува по влезот на Грција во ЕУФотографија: American Farm School

Едно истражување на Панхеленската конфедерација на земјоделски асоцијации покажа ветувачки знаци за заживување на овој сектор по избивањето на финансиската криза. Истражувањето покажа дека земјоделскиот и сточарскиот сектор се зголемил за 32.000 работни места во периодот меѓу 2008-ма и 2010-та година. Тие во најголем дел биле пополнети со лица од грчка националност.

Според Ели Константину грчкото земјоделие има да изоди долг пат. „Ние ги направивме фармерите да бидат мрзливи. Сега завршивме увезувајќи луди работи, како портокали и домати. Сега мораме да се вратиме назад преку пообразован пат со фокус на претприемничкиот дух“, забележува таа.

Тој дух веќе е видлив во Грција со можностите производителите дирекно да им продаваат на потрошувачите преку заемно корисни аранжмани.

„Без оглед колку се зголемуваат даноците или се намалуваат платите, ако се има знаење за земјоделие и сопствено производство на храна, нема толку многу да се почувствува економскиот притисок. Секога, барем ќе може да се преживее“, заклучува студентката по новинарство, која зема дополнителни часови за земјоделие.