1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите од Европа во Крушево побараа еднакви можности за сите

10 септември 2011

Педесетина младински лидери од 14 земји на Југоисточна Европа и Германија се собраа по девети пат во Крушево. Беа дел од традиционалната младинска конференција, што секоја година третира проблеми блиски до младите.

https://p.dw.com/p/12WBA
Младите од 14 европски земји неколку дена дебатираа во Крушево за проблемите и предизвиците со кои се соочуваатФотографија: DW/Zlatka Purkovic

Дојдени од Германија, Романија, Грција, Турција, Македонија да разговараат за заедничките интереси - како да го најадат местото што го заслужуваат во општествата во кои живеат. Интересите, желбите и барањата им се исти, но не и патиштата кои треба да ги поминат. Во некои земји тие се истрасирани и се поелсни, некои се на почетокот.

Во Македонија младите се погрчевито се стискаат до политичките партии, надевајќи се дека преку нив ќе ги решат егзистенцијалните проблеми. Овие, пак, ги користат како свои адути во политичките кампањи, критична е Драгана Дрндевска.

„Партиската дискриминација во нашата земја го достигна врвот. Младите, политичките партии ги гледаат како можност за вработување или просперитет, што е многу погрешно, бидејќи политичките партии треба да ја преземат одговорноста, а младите луѓе треба сами да го одберат вистинскиот пат. Дел од младите поради ова се демотивирани, апатични, а од друга страна нашето општество нуди многу малку можности за еден млад човек. Оние, пак, што се нудат, многу малку се користат од младите“, вели Дрндевска. 

Младите се разочарани од невработеноста, исполитизираноста, лошиот образовен систем, вели Драгана, но сепак смета дека токму тие се промената која се очекува и сака да ја види токму во својата земја. 

Flash-Galerie Themen der Grünen Bildung
Младите во Македонија за да обезбедат егзистенција се врзуваат за партиите, а младите во Германија, пак, ги губат идеалите во политичаритеФотографија: picture-alliance/moodboard

Младите можат да ги менуваат работите

Улогата на младите во промените во земјите во кои живеат ја потенцира и Кевин Борчерс. Доаѓа од Штутгард, но веќе една година живее во Македонија. Тоа му овозможува да направи разлика во патишта по кои треба да поминат младите за да стигнат до целта. 

„Позицијата на улогата на младите е многу важна и јас тргнувам од познатата реченица дека на младите светот останува. Недостатоци има и во Германија, но во Македонија, за несереќа, младите се многу повеќе врзани за традицијата, за семејствата и се обременети со тоа. Но, во последно време гледам напредок и развој, особено по последниот случај со убиството на младиот човек на денот на изборите и за првпат видов еден масовен протест на млади луѓе и за мене тоа е напредок. Младите во Германија имаат повеќе можности да го кренат својот глас и тој да се слушне. Но, во последно време не се заинтересирани за политичка активност, дел заради тоа што доаѓаат од богати семјства и не ги инетерсира што се случува во политиката, а дел затоа што и најчесто гласот на политичарите ретко се преточува во акција и младите луѓе членувајќи во нив ги губат своите идеали. Сепак тие најмасовно се вклучија во протестите по катастрофите во нуклеарката во Фокушима и имаа улога тие во Германија да се исклучат“, оценува Борчерс.

Младите Турци се надеваат дека проблемите ќе се решат со интегрирањето во ЕУ

Symbolbild Teamwork
Младите заедно можат да ги менуваат работитеФотографија: Fotolia/shock

Со процесите на евроинтеграција и владата во Турција сменила многу закони со кои им ги отвора нови можности  на  околу педесет милиони млади да стигнат до подобри позиции, вели Омер Каја. Но, токму оваа бројка го зголемува проблемот со невработеноста, бидејќи какви зафати и да се преземат во вработувањето и образованието, сите не можат да ги почуствуваат ефектите. Тој ги поддржува евроинтеграциите, но очекува и повеќе.

„Европската унија е нешто добро за земјите кои членуваат во неа, но некои земји членки не се фер кон Турција. Од една страна сакаат таа да биде членка на Европската унија, но со ограничено членство, да не можат слободно да патуваат и да не можат да имаат работна виза. Но, Турција од ден на ден станува се посилна држава и јас се надевам дека наскоро тие ќе ја замолат да стане и нејзина членка“, вели Каја.

Евроинтеграциите придонесоа земјите да се поврзат меѓу себе и да се отстранат опасностите од конфликти и војни, но сепак останаа земји кои се надвор од тие процеси. Во тој правец нешто би менувал Крамер Герид.

„Постојат и други земји кои не се членки на Европската унија, но сепак припаѓаат кон Европа и тие се судираат со проблеми со патувања, визен режим и треба да се поработи на тоа и тие да се вклучат во тие процеси, со цел и нивните граѓани да ги имаат истите можности, особено на земјите од Балканот“, вели Герид.

Михаела Клинку од Романија работи за меѓународна органзација за човекови права. Нејзините залагања во наредниот период би биле насочени кон овој правец.

„Би го промовирала младинското учество и малдинскиот активизам, затоа што сметам дека тоа е многу битно и постојат многу можности за младите луѓе, за кои тие не знаат и треба да ги искористат“, вели Клинку.

Три дена педесетина млади луѓе на различни јазици говореа за различни проблеми, но целта им беше иста - заеднички европски можности за сите, без оглед на тоа од кој дел на Европа доаѓаат.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Борис Георгиевски