1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите од странство ја промовираат Македонија

24 ноември 2010

Преку студентската организација АИЕСЕК во Македонија престојуваат шестмина млади странски практиканти. Кои се мотивите што ги навеле да дојдат во Македонија? Каква е соработката и другарувањето со македонските колеги?

https://p.dw.com/p/QDU3
Фотографија: MIA

Германски, руски, полски...тоа се само дел од јазиците што се слушаат во двокатната куќа во скопската населба Радишани, каде во моментов престојуваат шестмина странски практиканти на светски познатата студентска организација АИЕСЕК, иако официјалниот јазик на организацијата е англискиот.

Што е тоа што ги навело да допатуваат токму во Македонија?

Пет девојки и едно момче го живеат нивниот сон - да заминат некаде во светот и да волонтираат на проекти што се одобрени во матичната држава, во случајов Македонија. Причините им се различни, но најчесто тоа е желбата за запознавње нови земји, нови луѓе, традиции и култури. И, велат, барем во овој случај поентата е целосно постигната.

Во пространиот салон на катот од куќата во Радишани на секој агол има по еден лап топ. Силните бои на ѕидовите и колоритот од постери и карикатури веднаш покажуваат дека тука живеат млади луѓе. На еден ѕид доминираат испреплетените знамиња на Русија и Австрија, државите од кои доаѓаат претседателката на АИЕСЕК Македонија 23-годишната Ања Дворњикова, која е од рускиот град Новосибирск, и 29 годишниот Штефан Кропф од село во близина на Грац. Со нив се и практиканти од Украина, Полска, Естонија и Србија. До пред некој месец, меѓу нив беа и практиканти од Јапонија, Азербејџан, Перу, Романија, Киргистан.

Die Jugend von Heute
Фотографија: Kunsthalle Schirn

Ања вели дека кога доаѓала воопшто немала никакви предзнаења за Македонија, но затоа сега знае се’ за неа. Вели, долга е приказната зошто ја избрала Македонија. „Навистина имав за цел да одам надвор од Русија, но не знаев дека Македонија ќе биде мојата дестинација. Кога дојдов тука не очекував толку голем културен шок, затоа што сепак ние сме славјани“. По еднаипол година престој се чувствува како домашна, го разбира јазикот, а кога говори за Македонија вели „нашата земја“.

Екологија, меѓународни односи - работа на проекти за младите

Podcast Artikel - Jugendmagazin

АИЕСЕК Македонија во декември ќе организира и регионална конференција за членките на оваа организација од Централна и Источна Европа. „Ќе бидат вклучени претседателите на АИЕСЕК од земјите од Централна и Источна Европа на кои сакаме да им ја претставиме, а воедно и да ја искусат Македонија, затоа што Македонија не е многу позната земја во светот. За нас е голема можност да им ги покажеме убавините на Македонија и луѓето тука“, вели Дворњикова.

Овие млади луѓе работат на неколку долгогодишни проекти наменети пред се’ на студентите и средношколската младина. „Работиме со 16-годишни ученици, на кои секојдневно им предаваме, организираме работилници, презентации и различни игри за анимација на младите. Им објаснувам дека не само во Скопје, туку насекаде низ светот основен проблем е згадувањето и влијанието на климатските промени“, вели младата Марта Орловска, која заедно со нејзините колешки од Полска и Естонија ги изведуваат предавањата низ скопските средни училишта.

Австриецот Штефан Кропф, пак, е дојден да ги развива меѓународните односи на АИЕСЕК Македонија, да комуницира и ги убеди домашните компании да се вклучат во нивните проекти. Тој е воодушевен од културата, традициите, обичаите на луѓето во Македонија. „Многу ми е познато живеењето во приградска населба, бидејќи и самиот потекнувам од такво мало место. Интересното е во тоа што ние, иако не го знаме македонскиот јазик, а нашите први соседи не го знаат англискиот јазик, сепак, одлично се разбираме преку говорот на телото. Тие се возрасни луѓе, а секојдневно ни помагаат, ни носат различни подароци од градината, и постојано не канат на кафе и гозби: Досега видовме како се пече ракија, како се става вино, како се коле свиња, а пробавме и од извонредните џимиринки и ајвар“, вели Штефан со насмевка.

Schnapsglas
Начинот на живот го голедаат и од соседите, на пример како се пече ракијаФотографија: picture-alliance

Од друга страна и домаќините прават се’ што е во нивна можност на практикантите да им го олеснат животот и далечината од дома. „Ние скоро секој ден се гледаме со нив, преку викенди одиме во нивната куќа, така што има постојано дружење и забави. Тие никогаш не се сами“, вели Драгана Стојановска потпретседател во ИО на АИЕСЕК за меѓународна соработка.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска