1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите размислуваат за Европа

Бернд Ригерт / Александар Методијев18 август 2012

Криза е насекаде во Европа, но не и во едно мало село во Саксонија-Анхалт. Таму млади од цела Европа, меѓу кои и од Македонија, кога мислат на Европа не мислат само на долгови и неуспех. Заедничката работа ги поврзува.

https://p.dw.com/p/15rli
Фотографија: DW/B. Riegert

Кречау има да понуди руинирана железничка станица, две големи висококатници во беж боја, еден киоск за сендвичи донер, неколку викендички на езерото Ангелзе и хостел на крајот од шумата. Хостелот е реновиран, но и покрај тоа не може да се сокрие неговото минато како место за одмор во Германската Демократска Република. Пристапот до интернет во него е отежнат, а телевизија во него нема воопшто.

И покрај тоа, ова место во покраината Саксонија-Анхалт е избрано за годинашниот традиционален „Еврокамп“. Во период од три недели, речиси 70 млади луѓе од 30 земји во Европа ги разменуваат своите замисли за индината на континентот. Таму ќе се снимат кратки филмови, ќе се направат декларации, а ќе се организираат и дебати и предавања. Во блискиот мал град Цајц младите луѓе работат пет часа во денот на разубавувањето на училишните згради и на јавните градини. Тоа е дел од „Еврокампот“. Младите секој ден стануваат од спиење во седум часот. Поради тоа учеството во кампот е бесплатно.

Кризата минува

Bildergalerie Eurocamp
Немања Ѓоковиќ од СрбијаФотографија: DW/B. Riegert

„Да бидеш Европеец значи да се поврзеш со различни луѓе, како во фамилија. Тоа е клише, ама сепак е така“, вели Елиза Ристоја за расположението во кампот. 20-годишната девојка доаѓа од Финска. „Останатите култури и верувања морам да ги прифатам, бидејќи луѓето размислуваат поинаку. Иако е комплицирано со толку многу земји, сепак секако дека сакам да бидам со сите“, додава таа.

Без оглед дали се Шпанци, Холанѓани, Руси или Грци, сите млади во кампот се убедени дека должничката криза во Европа е само привремен проблем. „За 10 години ЕУ ќе биде стабилна и нема да се распадне поради кризата“, вели Русинката Гузел Навикова. „Ќе има реформи, но ние ќе го добиеме најдоброто што може да се добие од ЕУ“, смета Австријката Кристине Баумгартнер.

Европа без интеграција, отворени граници и културна размена не може никој во кампот да си ја замисли. А, таму е и Марија Ника, која доаѓа од епицентарот на кризата – од Атина, Грција. Пред да дојде мислела дека останатите ќе озборуваат за сиротата Гркинка.

„Не можам да слушнам зборувања за кризата. Таа тука не игра голема улога. Тука се сретнуваат сосема нормални луѓе, кои зборуваат за работите во нивните земји. Ние сакаме да имаме забава и да ја оставиме кризата да си биде криза“, вели младата Гркинка.

Bildergalerie Eurocamp
Волфганг МејерФотографија: DW/B. Riegert

Младите во кампот помалку зборуваат за кризата, а повеќе за проширувањето на ЕУ и приемот на нови членки од Балканот и Источна Европа. Младите, како српскиот студент Немања Ѓоковиќ, сметаат дека нивните земји не се доволно стабилни за да и’ се приклучат на Унијата.

„Во денешно време е многу тешко да се зборува за стабилноста на Балканот, бидејќи ние бевме во поранешната Југославија, а сега се е распаднато. Има проблеми со идентитетот, но исто така и со Косово. Треба најпрво овие проблеми да се решат, а потоа доаѓа пристапувањето во ЕУ“, вели студентот Ѓоковиќ.

Bildergalerie Eurocamp
Млади од земјите од поранешна Југославија прават пародија од ерата на ТитоФотографија: DW/B. Riegert

И пионерите се присутни

Во текот на ноќите младите прават изведби карактеристични за нивните земји. Посебно успешни во тоа се младите од поранешна Југославија – Словенците, Босанците, Србите и Македонците, кои прават пародија на комунистичките пионери од распаднатата Југославија. Тие пеат пионерски песни, кои ги познаваат благодарение на родителите.

Волфганг Мејер го организира „Еврокампот“ од пред речиси 20 години, за младите да можат да се запознаат со различните идентитети.

„Ние сакаме да ги мотивираме младите да бидат активни, бидејќи се работи за нивната Европа и треба да учествуваат во обликувањето на нејзината иднина, а не да чекаат политичарите или старите луѓе да направат нешто за нив. А, она што ми е исто така многу значајно е што тие ова го сметаат како вид на берза на контакти за поврзување во подоцнежниот живот“, вели Мејер.