1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младиќ пренесен во болница - судењето прекинато

Џевад Сабљаковиќ/ Александра Трајковска 12 јули 2012

Судењето против Ратко Младиќ денеска е прекинато еден час по почетокот бидејќи обвинетиот не се чувствувал добро. Засега е неизвесно кога ќе продолжи судскиот процес против Младиќ.

https://p.dw.com/p/15VyU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Судењето против Младиќ денеска беше прекинато сред вкрстеното испрашување на вториот сведок, Дејвид Харланд, поранешниот шеф на цивилниот сектор на мисијата на ОН во БиХ. Бранителот на Младиќ, адвокатот Бранко Лукиќ ненадејно го прекина испитувањето гледајќи во правец на обвинетиот, кој ја потпрел главата на рацете. „Се чини дека генерал Младиќ не се чувствува добро, чесен суде“, рече адвокатот Лукиќ.

„Во таков случај ќе направиме пауза и мислам дека е потребно да се повикаат медицинските службеници за да му помогнат на господин Младиќ. Го молам господин Младиќ да ја напушти судницата за да може да му биде пружена помош, а ние ќе направиме пауза. Молам сведокот Харланд да се испрати од судницата“, изјави претседавачот, судијата Алфонс Ори.

Младиќ во хашката болница

Заседанието беше прекинато околу 10 часот. Дежурната медицинска сестра го прегледа Младиќ и констатираше дека се потребни детални прегледи. Потоа беше донесена одлука Младиќ да биде одведен во болница, а денешното заседание кое требаше да трае до 13 часот и 45 минути дефинитивно е прекинато.

Verurteilung von bosnisch-serbischen Soldaten wegen Srebrenica
Мајките од Сребреница го следат судењето против МладиќФотографија: Picture-Alliance/dpa

Обвинетиот имаше здравствени проблеми и во моментот кога беше уапсен во мај мината година. Претходно, според неофцијални информации, тој претрпел три мозочни удари. Сужбите на Хашкиот трибунал, според прописите, не даваат никакви соопштенија за здравствената состојба на притворените. Меѓутоа во изминатата година, откако е во притвор во Трибуналот, можеше да се забележи на заседанијата дека здравјето на Младиќ се подобрува. И самиот обвинет во еден момент го кажа тоа, обраќајќи му се на судскиот совет.

На бившиот командант на војската на Република Српска во Хашкиот трибунал му се суди по обвинението за геноцид во Сребреница и уште седум општини во Босна и Херцеговина, прогон на Бошњаците и Хрватите во 20 општини, опсадата на Сараево и терор врз сараевските цивили како и земање на припадници на меѓународните сили за заложници.