1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ, по Европа, се соочува со голем предизвик во арапскиот свет

АМ/афп26 јануари 2013

Меѓународниот монетарен фонд се подготвува за нов голем предизвик за обнова на економиите во турбулентниот арапски свет, мисија која мора да биде поразлична од спасувањето на еврозоната.

https://p.dw.com/p/17Rv6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Арапската пролет ги отвори вратите за парите и експертизата од ММФ, откако новите влади се соочија со предизвикот да ги заживеат своите економии. Египет и Тунис преговараат за заем за структурни реформи, а Либија добива техничка помош од Фондот. Јордан во август лани доби заем од две милијарди евра, а Мароко беше поддржан со шест милијарди евра, кои треба да ја заштитат неговата економија од надворешните шокови.

Растргнати од политичкиот пресврт, земјите од арапскиот свет се соочуваат и со други предизвици, кои вклучуваат голема невработеност, огромен раст на популацијата, одлив на капиталот и зголемен државен дефицит. Од ММФ признаваат дека овие порашања се повеќе од финансиски.

Во Египет, на пример, бројни религиозни и цивилни групи испратија писма до ММФ во кои наведуваат дека се противат на преговорите на официјално Каиро со Фондот, обвинувајќи за недостаток од транспарентност во преговорите што се водат за заеми.

„ММФ ќе биде во центарот на бура и ќе биде обвинет за каков било национален неуспех во спроведувањето на програмите“, вели Зубаир Икбал, поранешен член на ММФ, а сегашен експерт во Блискоисточниот институт.

Тој предупредува дека климата во постреволуционерниов период не е подготвена за бараните реформи во земјите од арапскиот свет. Икбал смета дека „постои очајна потреба за болни економски реформи за да се направат овие економии растечки и да се создадат работи места за брзо растечката млада популација“.

ММФ денес ја разбира пораката што ја добива од арапскиот свет. Таа често е дека Фондот е виновен за покренувањето програми со владите во кои малку се мисли на локалните услови и како тие програми влијаат врз народот.