1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ притиска за натамошни развојни импулси

ЖА/дпа/ртре/миа13 октомври 2012

За ефикасна борба против финансиската криза според ММФ не се доволни мерките за штедење. Нужни се и мерки за поттик на економскиот развој, гласи заклучокот на годишната конференција на ММФ и Светската банка во Токио.

https://p.dw.com/p/16PbH
IФотографија: Reuters

Централните банки во Јапонија, САД и Европа треба дополнително да ја ублажат монетарната политика, бидејќи таквите усогласени активности ќе овозможат стабилизирање на светските финансиски пазари и економијата во целина, се наведува во заедничкото соопштение објавено денеска по завршната средба на раководниот орган на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Токио.

Земјите членки на ММФ постигнаа договор за преземање усогласени дејствија за справување со негативните трендови во светската економија. Тие изразија надеж дека заедничките активности против ширењето на должничката криза во еврозоната, ќе бидат успешно исполнети.

Symbolbild IWF senkt Wachstumsprognose für Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

ММФ предупреди дека се неопходни дополнителни мерки во еврозоната за ограничување на должничката криза, поради забавувањето на економскиот раст.

„Растот на светската економија е забавен и продолжува опасноста од постоење на опаѓачки трендови. Треба одлучно да се дејстува со цел да се стави крај на негативните пресврти и да се врати светската економија на патот на силен, одржлив и балансиран раст“, се наведува во соопштението.

Во него се истакнува и потребата од активирање на пакетот реформи со кои се прошируваат правата на голем број земји во ММФ.Реформите треба да ја зајакнат улогата на земјите во развој и земјите од БРИКС (Бразил,Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), кои остваруваат најбрз економски раст во светот.

На дводневната седница на раководните органи на ММФ и Светската банка во Токио учествуваат претставници од 188 земји и територии, како и на голем број меѓународни организации.

Драги е оптимист

Економската состојба во еврозоната е значително подобрена во однос на почетокот на годината, но сепак останува доста тешка, изјави денеска претседателот на Европската централна банка Марио Драги на прес конференција на годишната средба на раководните органи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

Во европската економија се гледаат знаци на оптимизам, благодарение на фактот дека беше постигнат сериозен напредок во стабилизацијата на банкарскиот сектор, истакна Драги.

Според претседателот на ЕЦБ значајна улога за заздравување на економијата има отпорноста на банките во еврозонатаво услови на криза.

Еврокомесарот за економски и монетарнипрашања Оли Рен, исто така, нагласи дека е голем оптимист за иднината на еврозоната.