1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многуте лица на карневалот

Зоран Арбутина19 февруари 2009

Во Германија започна кулминацијата на „петтото годишно време“- карневалот. Интеграцијата има многу лица, исто и карневалот. „Гратче на доселеници“ - ова е проектот кој четири години се одржува во Келн.

https://p.dw.com/p/Gwx9
Кловнови бакнуваат полицаец - на карневалот и тоа е можноФотографија: picture-alliance/ dpa

На 19.02.2009 точно во 11 часот и 11 минути започна кулминацијата на карневалската сезона. Во многу градови во Рајнската област жените ги освоија градските собранија, со што симболично карневалистите ја презедоа власта до наредната среда, позната како среда-пепелница. Во упориштата на карневалот Келн и Диселдорф по традиција се собраа илјадници маскирани и костимирани луѓе и со гласно одбројување го означија почетокот на завршната, најинтензивна фаза на карневалот. В понеделник ќе се одржат големите карневалски поворки.

Има некој од Келн?

На келнски дијалект, „ими“ е кратенка за „имигрант“. Како „ими“ се нарекуваат сите што не се родени или израснати во Северна Рајна Вестфалија, сеедно дали доаѓаат од Турција, од Америка, од Баварија или од Балканот. Зборот нема навредлива конотација, со него едноставно се заклучува дека некој не е од Келн. А вакви „ими“ во Келн има многу. Скоро една третина од населението има мигрантско потекло.

Clowns im Karneval
Карневалот има голема улога во градското живеење на КелнФотографија: AP

Карневалот е од големо значење за културното и социјално живеење во градот, дури и за големиот број доселници, кои во Келн и Германија ја пронашле својата втора татковина. Во текот на карневалските денови, во Келн се организираат т.н. карневалски собири, на кои настапуваат разни пејачи, актери, театарски групи итн. Пред четири години, неколку културни уметници, кои живеат во Келн, дошле на идеја да организираат карневалски собир на кој ќе настапуваат само учесници, кои имаат миграциско потекло. Уште на самиот почеток имавме многу идеи, вели диџејот и актер Тодор Богдановиќ, Црногорец со словенечки пасош: „Се собравме и се постави прашањето дали некој од нас, всушност, е роден во Келн? Никој не се јави. Тогаш некој рече: ова е вистинско гратче на имигранти. Така настана името на проектот и го основавме нашиот карневалски собир“, раскажува Тодор.

Радост и интеграција

Името на проектот се разви во програма: целта беше да се формира вистински келнски карневалски собир, без во него да се вклучат Келнчани. Со тоа настана една мешавина од традиција и кабаре, бурлеска и дел од самиот карневал.

Bildgalerie Karneval 2005 - 08
Сите сакаат да бидат некој друг во „петтото годишно време“Фотографија: dpa

„Радост и интеграција“ - така се вика здружението што го организира имигрантскиот карневалски собир и може да служи како мото на овие карневалисти. Затоа што интеграцијата, во смисла заедно да се направи нешто, е она на што се заснова здружението, вели неговиот претседател Хектор Харкетер: „Во овој проект се здружуваат луѓе, кои во други околности не би почнале заеднички проект базиран врз нивното потекло, нивната национална припадност или култура. Тоа е сликата што сакаме да ја прикажеме, дека најубаво е кога човек може нешто заеднички да направи“.

Да се биде некој друг

„Карневалски собир на имигрантите за целиот свет“! И навистина - светот доаѓа да види што тие подготвиле. Публиката е различна - некои доаѓаат од Келн, некои се мигранти, има некои од Берлин или Баварија. Но, знаат дека додека трае карневалот, сите имаат можност да го сменат својот идентитет и барем на момент да бидат некој друг.