1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу празни зборови и малку свртување кон реалните проблеми

Томас Нелс24 септември 2008

Главното обележје на првиот ден од дебатата на 63. Генерално Собрание на ОН беше меѓународната финансиска криза и нејзиното влијание врз светскиот развој.

https://p.dw.com/p/FOEW
Салата во која се одржува Генералното Собрание на ОН во ЊујоркФотографија: AP

Светот не се наоѓа само во финансиска,туку и енергетска и прехранбена криза, рече генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Згора на тоа на светот му недостасува и силно глобално лидерство. Дека е тоа дефинитивно така потврди и говорот пред делегатите на оној, кој по традиција се гледа во улога на глобален лидер – американскиот Претседател.

Разликите не можеа да бидат поголеми. Од една страна, најмоќниот политичар на светот ја користи секоја можна прилика, пред да замине од политичката бина за четири месеци, да му остави на светот некаков мудар завет. Од друга страна, следниот говорник по него се постави како некој, кој ја разбрал суштината на нашата епоха. Името на првиот е Џорџ Буш, а на вториот Николас Саркози.

Буш се надмина себе си

UN Vollversammlung in New York George W. Bush
Американскиот Претседател Џорџ Буш на говорницата во Генералното собраниеФотографија: AP

Во дваесетминутниот говор пред Генералното Собранието, Буш тукуречи се надмина себеси, бидејќи успеа уште еднаш да зборува толку долго, а да не каже ништо што ќе остане во сеќавање. Се` што кажа може да биде сумирано во следните неколку збора: борбата против тероризмот мора да продолжи, демократијата мора да се штити и згора на тоа уште две-три општи фрази поврзани со овие две теми.

Следниот говорник го надмина претходникот. Претседателот-акционист од Париз најави итен почеток на сеопфатно реновирање на капитализмот. Со најавата дека нема намера само да ги провери инструментите и механизмите на капиталистичкиот систем, туку и да се осврне на темните страни на глобализацијата и алчноста по пари, тој едноставно не кажа ништо ново. За тоа црцорат веќе сите врапци од ќерамидите. Во иста насока подоцна отидоа и говорите на претседателите на Никарагва и на Бразил, а истото сигурно ќе го чуеме во наредните денови уште од кој знае колку говорници.

Егзистенцијални проблеми на човештвото

UN Vollversammlung in New York Ban Ki-moon und Frank-Walter Steinmeier
Германскиот Министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во Њујорк со генералниот секретар на ОН Бан Ки МунФотографија: AP

Германската Министерка за развојна помош Хајдемари Вичорек Цојл на паралелната конференција во Њујорк посветена на Милениумските цели предупреди да не се ставаат под знак прашање ветените пари за развојна помош од богатите за сиромашните земји поради актуелната финансиска криза. Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер има намера на денешното продолжение на Конференцијата да го прошири предупредувањето и тоа со укажување на опасноста од нови војни поради недостатокот на вода за пиење.

Вакви на прв поглед необични поврзувања на светските трендови се искачија речиси на врвот на дневниот ред на Генералното Собрание – на чудење на многумина политичари. Тие и не треба да дозволат да паднат подолу на списокот приоритети, бидејќи луѓето се заморени од бескрајните дебати и обиди за решавање на актуелните политички кризи, кои ионака најчесто остануваат безуспешни. Обединетите нации се форум на светското население, на кој земјите со себични замисли и империјални амбиции за среќа се малцинство.