1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МНР го осуди нападот врз амбасадата во Приштина

17 март 2012

По нападот со молотов коктел врз македонската амбасада во Приштина, Министерството за надворешни работи во Скопје побара косовските власти да го осудат инцидентот и да ги најдат сторителите.

https://p.dw.com/p/14M7u
Зградата на македонското МНР во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Македонското министерство за надворешни работи најостро го осудува синоќешниот напад врз амбасадата на Република Македонија во Приштина, кога непознати лица од возило во движење фрлиле молотов коктел врз објектот на амбасадата.

Инцидентот се случил нешто пред полноќ и, како што наведе косовската полиција, интензивно се работи на расветлување на случајот и пронаоѓањето на извршителите.

Портпаролот на полицијата на Косово Баки Кељани за српската агенција Бета соопшти дека полицијата веднаш по добивањето на информацијата за нападот излегла на лице место и ги преземала сите потребни мерки за осигурување на местото и евентуалните докази.

МНР во Скопје, пак, во денешната реакција меѓудругото истакнува:

„Имајќи предвид дека ова претставува уште еден посериозен инцидент, МНР очекува јасно и недвосмислено да се осуди и од косовските власти, како и да се пронајдат и соодветно да се санкционираат сторителите“.

Понатаму од косовските власти се очекува да работат на превенција на инциденти од ваков вид, со што на најдобар начин би се манифестирале декларираните определби на Косово за добрососедски односи со Македонија, но и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Автор: СН/АМ/макфакс/бета

Редактор: Александар Методијев