1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мобилниот на Меркел во иднина е табу

ЕМФ/дв19 јануари 2014

Американскиот претседател Обама во интервју за вториот канал на германската телевизија рече дека не сака да го расипе пријателскиот однос со канцеларката Меркел поради тајните служби. Мобилниот на Меркел во иднина е табу

https://p.dw.com/p/1AtJq
Фотографија: picture-alliance/dpa

По најавата дека ќе ја реформира работата на тајните служби, американскиот претседател Барак Обама им се обрати директно на Германците. Во интервју за вториот канал на германската телевизија (ЦДФ), Обама побара разбирање за контроверзните акции на прислушување од страна на тајната служба НСА. САД имаат особена одговорност за сопствената безбедност и за безбедноста на сојузниците, објасни американскиот претседател во интервју за ЦДФ. Затоа американските тајни служби и натаму ќе продолжат да собираат податоци.

Обама искажа разбирање за загриженоста на германските граѓани поради можна злоупотреба на собраните податоци и рече дека ќе биде потребно време за да се врати загубената доверба. Но можностите на американските тајни служби за надгледување, како што рече Обама, „се поголеми од можностите на многу други држави во тој поглед“ и мора да бидат искористени за да се дознае „што се планира, што на луѓето им се врти во главите, кои им се намерите“. „Зошто ни се потребни тајни служби ако тие дознаваат единствено работи кои може да се прочитаат и во ‘Шпигел‘ или ‘Њујорк Тајмс‘?“, праша Обама, бранејќи ја шпионажата.

Тој единствено индиректно призна дека е направена грешка во однос на канцеларката Ангела Меркел, чиј мобилен телефон, како што се тврди, бил прислушуван од страна на тајните служби. Обама нагласи дека со Меркел има однос кој носи печат на „доверба и пријателство“. „Не смеам да му нанесам штета на тој однос со мерки за надгледување кои би ја спречиле нашата комуникација полна со доверба“, рече тој. Обама нагласи дека тој и Меркел „по прашањата на надворешната политика немаат секогаш исто мислење“, но „тоа не е причина да се прислушува“.

Обама во петокот (17.01) најави дека има намера да ја ограничи програмата за надгледување на тајната служба НСА и да стори повеќе за заштита на приватноста. Во Берлин ваквите најави беа критикувани како недоволни.