1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270110 The Little Gym

8 февруари 2010

Децата од претшколска возраст во Германија често покажуваат сериозни проблеми во физичкиот развој и координацијата. По спортските здруженија на овој план почнуваат да се ангажираат и приватни претпријатија.

https://p.dw.com/p/Ltir
Движење и’ треба на младата генерацијаФотографија: dpa

Во Келн од пред две години е отворен првиот гимнастички центар за деца, по лиценца од САД што го носи името „The little gym" или во превод „Мала гимнастика“. Но неговите сали четиригодишни деца скокаат, прават салто, ползат по две дрвени пречки и се обидуваат да ја задржат рамнотежата на греда. Освен тоа шарени гимнастички душеци и цевки создаваат разни препреки, преку или низ кои децата треба да минат.

„Јас многу сакам да одржувам рамнотежа...“

„Мене ми е овде многу забавно“

„И јас многу сакам да одржувам рамнотежа...“ - одушевено раскажуваат децата.

Тематски тренинг

Денеска на дневен ред е „пижама парти“ и се чини дека на сите таквата идеја за мото на часот по гимнастика многу им се допаѓа. Според концептот на куќата, во групите има максимално по шест до седум деца по воспитувач, така што тие можат да водат сметка и за нивниот индивидуален напредок и потреби. Анете Екарт е задолжена за ширењето на ваквите центри од синџирот „The little gym" во Европа: „Живееме во мали станови, живееме во градови заедно со нашите деца. При тоа се движиме многу малку, значително помалку од порано, кога децата безгрижно си играа надвор, на улица или на детско игралиште. Затоа нашиот концепт се обидува да создаде модерен гимнастички свет, во кој децата ќе бидат згрижени и ќе можат да си играат без проблеми, да откриваат нови светови преку движењето и да уживаат во сето тоа...“

Schulsport
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Социјални компетенции

Концептот на „The little gym" меѓутоа не води сметка само за надокнадувањето на дефицитот во движење за најмладите, туку се обидува да создаде и добра атмосфера, во која децата нема да бидат изложени на притисок за уште и уште поголеми постигнувања, туку ќе се чувствуваат пријатно и ќе можат да научат како да се однесуваат слободно во групни ситуации. Мотото на овој синџир гимнастички центри гласи: „Подготвени за животот“. На мајките кои седат и ги гледаат децата се чини дека ваквиот концепт им се допаѓа:

„За Амелија ова е прекрасно, таа е секогаш многу горда кога ќе научи нешто ново. Исто така многу сум задоволна од начинот на згрижување на децата. Денеска ќерка ми имаше пак малку проблеми со една вежба и негувателката ја фати за рака, ја зеде в скут...“

BdT 50 Teddybären für kleine Patienten im Vivantes Klinikum
Ем спорт, ем играФотографија: DPA

„И мојата доаѓа овде со голема радост, овде стекна и голема самодоверба. Ова е секако и поскапо од обичните понуди за гимнастика за деца, но морам да кажам дека децата и добиваат многу повеќе, отколку на обичните часови по гимнастика.“

Доволно интересенти

Трошоците изнесуваат по 50 евра членарина за целата година за целото семејство, се‘ едно колку деца има во него и покрај тоа по 320 евра од семестар за секое дете. И покрај ваквите цени во центарот „The little gym" има очигледно доволно муштерии. За Анете Екарт тоа не е најважно:

„Тренерите што работат со децата кај нас се најчесто завршени студенти на Академијата за спорт или учители по гимнастика, тоа значи веќе имаат одлична подлога. Освен тоа кај нас минуваат дополнителна интензивна обука, како пред да почнат да работат, така и за време на работниот однос. Нашиот систем нуди повеќе разни видови тренинг за вработените, кои се исто така нивна обврска.“

Jugendliche beim Krafttraining
И тренерите мора да тренираатФотографија: picture-alliance / dpa

Синџир во подем

Американскиот синџир „The little gym" до сега има преку 300 центри во повеќе од 20 држави ширум светот и по премиерата во Келн веќе кова планови за отворање нови центри ширум Германија. Сопственикот на лиценцата за Германија, Анди Валеди, извлекува позитивен меѓубиланс: „Се’ уште сум во основачки стадиум, мислам дека тоа се’ уште може да се каже по првите две години, но гледам добри перспективи. Во секој случај она што најмногу ме прави задоволен е работата со децата, така што по напорниот ден овде си одам дома со добро чувство.“

Во секој случај и задоволството на децата од групата за четиригодишници не можеше да се превиди. Веројатно не е многу поинаку и кај другите, кои доаѓаат овде. Центарот е патем отворен за деца од четири месеци, па се’ до 12 години.


Автор: Луц Килинг/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска