1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Modestadt Berlin

21 јануари 2012

Неофицијално берлинчани им даваат тон на модните трендови ширум Германија. Но, и во официјалниот моден бизнис, германската престолнина се враќа на старите моќни и сјајни позиции.

https://p.dw.com/p/13nEC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Често се говори за „духот“ на еден град. Како тој изгледа обично е тешко да се опише, но оној берлински дух од минатите векови, кој беше модно освестен, како да спиеше со децении. Сега повторно е буден и жив. Во минатата деценија редовно се будеше во јануари и во јули, кога се одржуваше „Модната недела“ . Така е и годинава. Деновиве (18- 21 јануари) Берлин повторно е германски и светски центар на модата, како впрочем во минатите векови.

Вака започна...

Модната сцена во Берлин секогаш била поавангардна отколку во другите делови на Европа. Во 1837 година, во тогаш просперитетната пруска метропола на реката Шпре, за првпат биле произведени големи количества облека во стандардизирани големини - за анонимни клиенти, а не по индивидуална нарачка. Тоа е моментот на раѓање на светската индустриска мода, кој предизвика вистинско лудило за модата во градот. Модата од Берлин стана заштитен знак за квалитет- „Берлинскиот капут“- така стана светски славен.

Fashionweek Januar 2012
Фотографија: dapd

Во 60-те години на 19-от век за првпат „дамите“ започнаа да презентираат нови креации. Во 1902 година се одржа првата официјална модна ревија, а малку подоцна и првата модна недела под наслов „Пропатување“. Во почетокот на 20-от век тргна и модниот бизнис, во остра конкуренција со Париз. До почетокот на Втората светска војна Берлин стана водечки центар на модата и успешно се „продаваше“ како „град на модата“.

Поделениот град

Модната индустрија со која доминираше еврејската заедница во Втората светска војна беше речиси целосно избришана. Единствениот моден центар во градот кој преживеа по војната остана во делот под советска окупација. Но, браншата и покрај тоа започна да заздравува.

Веќе во 50-те години Берлин стана најважниот германски центар на модата. Дизајнерите, како Хајнц Естергард, почнаа да креираат мода на светско ниво. Тогаш меѓутоа дојде вториот удар - поделбата на градот со ѕидот во 1961 година. Индустријата имено, со тоа ги загуби евтините шивачки од источен Берлин, а и многу фирми го напуштија градот кој се наоѓаше на првата борбена линија на студената војна. Берлин како град на модата беше мртов.

Berlin Fashion Week 2012 Sieben Farben Blau
Фотографија: dapd

Источноберлинска авангарда

Во населбите Пренцлауер берг, Центар и Фридрихсхајн, во 80-те години на минатиот век започнаа да се основаат театри во кои беше претставувана модата од сопствените работилници во „откачени“ шоуа.

Тие се нарекуваа „Се’ и сешто“, „Дух на времето“, „ ЦЦД“ . Со нив започна експерименталното комбинирање на уметноста и модата која и денес го одбележува типично берлинскиот моден стил.

По падот на Берлинскиот ѕид во 90-те години, во Берлин, кој стана „ин“, започнаа да доаѓаат дизајнери од цела Германија, па и Европа. Работеа во евтините ателјеа во берлинските зданија, шиеја техно маици, ги изработуваа своите први колекции и го привлекуваа вниманието на јавноста.

Во 2003-та година модниот саем "Bread & Butter" од Келн се пресели во Берлин и тоа беше важен чекор за повторно етаблирање на Берлин како град на модата. Четири години подоцна тргна и "Mercedes Benz Fashion Week", кој во метрополата на Шпре донесе гламур, ѕвезди и големи компании. Овие две манифестации, заедно со уште три саеми, денес се составен дел од „Модната недела“ во Берлин .

Fashionweek Januar 2012
Фотографија: dapd

Берлин е едноставно „кул“

Дека Берлин повторно стана центар на модата покажува и фактот дека тој има најмногу бутици и модни продавници од сите други градови во Германија. „Модната недела“ е најголем саем во земјата од таа бранша. Прометот кој го остварува берлинската модна бранша меѓутоа се’ уште е помал од оној во Минхен. Овој податок е резултат на демографската структура на градовите. Со берлинската сцена доминираат млади луѓе, кои честопати и‘ припаѓаат на алтернативата, додека во Минхен доминираат „шминкерите“ со длабок џеб. Но, тоа во никој случај не значи дека берлинчани се помалку модно освестени. „Мода не е кога некоја празноглава ’шминкерка’ ќе се прошета во некој скап фустан“, вели познатиот креатор Михаел Михалски и заклучува: „Берлин е реален и се’ што е реално е ’кул’“.

Автор: Александер Кеј Шолц / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска