1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли ЕУ да поднесе натамошно проширување?

16 октомври 2009

За најголемиот дел од екс-југословенските републики ќе треба уште долго за исполнување на внатрешните предуслови, а и тогаш ќе постојат латентни жаришта. Но, ЕУ може да си го дозволи нивниот прием. Со Турција е поинаку.

https://p.dw.com/p/K6nS
Фотографија: EU

Лисабонскиот договор се‘ уште не е одобрен од сите држави-членки на ЕУ. Без него, проширувањето на Унијата е блокирано, владее доминантно мислење во ЕУ. Претпоставка е дека чешкиот претседател Вацлав Клаус до крајот на годината ќе го потпише договорот и тој ќе може да стапи во сила. Но, и со Лисабонскиот договор, замореноста од проширувањето во ЕУ не може да биде превидена. Заедницата уште не се опорави по последниот голем бран проширување со десет нови земји во 2004 година.

Во вакви услови, може ли да се смета на натамошен прием на нови држави?

Вратата е отворена за сите - но, во принцип

Според ЕК, на државите наследнички на поранешна Југославија, на Турција и на Исланд, во принцип вратите им се отворени, под претпоставка дека ги исполнуваат условите. Хрватска е на врвот на оваа листа. Случајот Исланд е специфичен, но и тој наскоро може да стане членка, зашто уште денес ги исполнува најголемиот дел од стандардите на ЕУ. Македонија се чини исто така има добри шанси. Таа пред се‘ треба да го реши спорот околу името со Грција. Пред другите држави од Западен Балкан има уште долг пат, а најголеми пречки стојат пред Турција.

Самата пристапна перспектива се покажа како делотворен поттик за нужните реформи, на Турција и‘ успеа да воведе стабилност во ноторно нестабилните региони. Изгледот на подоцнежно членство им користи и на аспирантите и на ЕУ. Но, мора да се постави основното прашање: дали приемот на сите овие земји е оправдан или не.

Одговорот гласи: во сите случаи, тоа е прашање на време, со еден исклучок. А тоа е Турција. За најголемиот дел од бившите југословенски републики ќе треба уште долго за исполнување на внатрешните предуслови, а и тогаш ќе постојат латентни жаришта. Но, ЕУ може да си го дозволи нивниот прием. Со Турција е поинаку.

Турција е комплициран случај

Не се работи само за бавното темпо на демократските напредоци во Турција и за нејзиното непризнавање на ЕУ-членката Кипар. Дилемата е - дали Турција нема да ја преоптовари Унијата? Земјата за неколку години ќе има поголем број жители отколку досега најбројната членка на Унијата -Германија. Кaко полноправна членка, Турција би претендирала на поголемиот број функции во ЕУ и би имала енормно политичко влијание. Исламот во основа не е пречка, но би бил со оглед на големината на земјата. Турција, како членка на ЕУ, и културно би ја променила Унијата во одредена мера, што ќе предизвика најжестоки отпори.

Ова во никој случај не зборува против натамошно меѓусебно приближување, напротив. Потенцијалот не е исцрпен, пред се‘ од економски и политички аспект. Но, од целта за прием на Турција во ЕУ, би требало целосно официјално откажување.

Коментар: Кристоф Хаселбах

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска