1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можностите за инвестирање во Македонија презентирани во Катар

АТ/ миа25 март 2012

Македонска владина делегација ги промовираше економските потенцијали на Македонија за привлекување странски инвестиции при посетата на неколку катарски владини компании, агенции и фондови.

https://p.dw.com/p/14RuD
Фотографија: AP

Македонската владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, го посети „Катар Холдинг“, катарски владин инвестициски фонд, чиј делокруг на работа е инвестиција во јавни и приватни компании во секторите енергетика, индустрија и инфраструктура, телекомуникации и технологија, недвижности, трговија, земјоделство и стоки. Овој фонд е втор најголем на светот, а неговата капитализација изнесува 400 милијарди долари.

Во текот на разговорите акцент бил ставен на енергетскиот сектор, односно опциите за инвестиции во рамки на придружните дејности од проектот Вардарска долина, инвестициите во хидро и термоелектрични централи, како и инвестициите во областа на производството и транспортот на електрична енергија. Биле презентирани и можностите за инвестиција во транспортните коридори и во рударството, како и во гасификацијата на Македонија.

Менаџерскиот тим на „Катар Холдинг“ ја оценил презентацијата како многу квалитетна и целисходна. Бордот на холдингот изразил сериозен интерес за голем дел од понудените проекти и интенција за истражување на можностите за инвестиција во енергетскиот сектор, за што во идниот период ќе се направат дополнителни длабински анализи на сите аспекти и детали на понудените проекти.

Karte Katar englisch

Делегацијата на Владата на Република Македонија ја посети и Катар Диар, катарската агенција за развој, чиј делокруг на работа опфаќа градежништво, транспорт и реализација на развојни проекти, а капитализацијата е 4 милијарди долари. Вредноста на проектите кои ги реализира во овој момент агенцијата изнесува 36 милијарди долари.

При посетата бил акцентиран проектот за туристичко-угостителски развојни зони на бреговите на македонските езера и специјалните поволности кои се нудат за реализација на инвестиција во рамките на овој проект.

„Македонија нуди можности за квалитетна реализација на бизниси, таа е најконкурентна дестинација за инвестиции, која нуди ниски даноци, даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности. Резултат на оваа владина политика се двата брана на инвестиции, од кои едниот кон крајот на минатата година, и еден на почетокот на оваа, како и неколкуте најави за нови инвестиции во текот на годината“, истакнал премиерот Груевски на средбите.

Владината делегација оствари средба и со „Хасад Компани“, катарска владина агенција задолжена за постапување во областа на земјоделството и агро-бизнисот. На средбата со управниот менаџмент од македонска страна биле презентирани можностите за инвестиции во областа на земјоделството во земјата како и земјоделската политика на Македонија.