1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можно ли е решение за Косово до крајот на годинава?

Невена Ангеловска20 октомври 2006

Марти Ахтисари специјалниот пратеник на ОН за Косово утре на состанокот со земјите од Контакт групата ќе им ги претстави првичните идеи за решение на статусот на Косово. Тој не крие дека не е оптимист. Во последно време и други политичари велат дека дефинирањето на статусот на Косово ќе се одложи за наредната година. Невена Ангеловска ги сумира изјавите на познавачите на проблематиката.

https://p.dw.com/p/AdwI
Ахтисари има тешка мисија
Ахтисари има тешка мисијаФотографија: AP

Марти Ахтисари ќе добие повеќе време да си ја заврши работата. Неговиот мандат како специјален претставник на ОН во преговорите за Косово е продолжен до јуни 2007. Мандатот е продолжен но тоа не значи дека и решението ќе се одложи дотогаш вели неговата портпаролка Хуа Џијанг за Дојче Веле. Таа ја појаснува целта на утрешната средба :

“Г.Ахтисари од самиот почеток на процесот има редовни консултации со Контакт групата. Таква средба ќе имаме и во сабота. Со ова сакам да појаснам дека шпекулациите оти Ахтисари во сабота ќе ни го претстави конечниот план за статусот на Косово се неточни. Ќе разгледуваме само неколку идеи."

Ахтисари не крие дека не е оптимист. Тој неколкупати оцени дека поради неподготвеноста на страните за компромис, преку Советот за Безбедност ќе понуди решение до крајот на годината.

“Планирам своите активности да ги завршам во одредениот рок, а 2006 се уште е мојот краен рок. За сега не сум слушнал нешто поинаку ниту од Контакт групата за Косово и не сакам да учествувам во некакви хипотетични шпекулации за можни избори или референдуми“, категоричен беше деновиве Ахтисари.

Во последно време сепак се погласни се шпекулациите дека дефинирањето на косовскиот статус може да се одложи. Првата потврда стигна неделава од претседавачот со ЕУ, финскиот шеф на дипломатијата Ерки Туомиоја:

„Ако дојде до одложување на одлуката за идниот статус на Косово , тогаш ќе се работи замо за неколку недели или месеци, а тоа би можело да се случи поради евентуалните избори во Србија во декември годинава” – изјави Ерки Туомиоја .

Решение за Косово не можеме да очекуваме до крајот на годината. Преговорите ќе продолжат и наредната смета Гернот Ерлер , државен секретар во германското министерство за надворешни работи.

„За жал овој процес ни предизвикува значителни грижи. Според се што межеме да слушнеме од финскиот посредник Марти Ахтисари, консензус меѓу Србија и косовската влада е се уште далеку, па на крајот решение веројатно ќе треба да се бара во Советот за безбедност на Обединетите нации. Треба да се почекаат и резултатите од евентуалните предвремени парламентарни избори во Србија. Поради тоа е неверојатно да се одржи првобитниот временски до крајот на годината да се изнајде решение. Темата ќе остане на дневен ред и наредната година.“

Ова и оди во прилог на Србија. Премиерот Коштуница вчера по владината седница повторно ги критикуваше преговарачките напори на ОН за Косово. Коштуница одбива и решение до крајот на годината. Тој потенцира дека Белград не прифаќа независност на Косово, како што тоа го бара албанската страна. За Коштуница мисијата на специјалниот преговарач на ОН, Марти Ахтисари е целосен неуспех.

И покрај најавите за одлагање, албанската страна ја држи оптимизам. Енвер Хоџај, пратеник во косовскиот парламент смета дека решение има, а тоа лежи во фактот што седум години Косово функционира одделно со свои државни институции:

“Мојот оптимизам доаѓа од таму што Приштина и косовските граѓани во последните седум години ги исполнија сите барања кои им беа поставени. Од фебруари учествуваме на преговорите во Виена. Во Контакт групата владее јасна линија кога станува збор за конечниот резултат,а слични беа и искажувањата на соседите како и на големите фактори, дека на крајот треба да се случи независност.“

Косовскиот премиер Агим Чеку меѓутоа покажува нетрпение и предупреди дека одлагањето на одлуката за независност на Косово може да доведе до ескалација и нов конфликт на Балканот.

До тогаш Ахтисари има уште два месеца да го понуди своето решение. Засега е јасно дека ниту Белград ниту Приштина, не се подготвени на компромис. Ако ништо не се промени последниот збор ќе го има Советот за Безбедност на ОН. Но, се поверојатно е дека оваа година нема да се реши статусот на Косово, а решавањето на проблемот ќе се префрли во првите месеци на наредната година.