1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молк во Атина пред состанокот во Брисел

АТ/ миа11 декември 2012

Официјална Атина не излезе со конечен став за одредувањето датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, пред денешниот состанок на Советот за општи работи на Унијата.

https://p.dw.com/p/16zgE
Фотографија: AP

Македонската агенција МИА вчера, од грчкото МНР побара директен одговор на прашањето дали Грција ќе ја блокира Македонија и овој пат, но досега нема никаква реакција. Од друга страна, агенцијата известува дека уште пред десетина дена од сите политички партии застапени во Парламентот побарала нивен официјален став за прашањето за името и за предлогот на еврокомесарот Штефан Филе, Македонија да добие датум, а името да се реши во раната фаза од преговорите со ЕУ. Но ниту една партија досега нема дадено никаков коментар, ниту го соопшти својот став.

Во грчките медиуми пак ги нема вообичаените „дипломатски извори“ на кои секогаш се повикуваат кога соопштуваат во името на власта или опозицијата. Медиумите сега се потпираат на своите коментатори кои сепак не изведуваат заклучоци и не прогнозираат што ќе се случи на денешниот состанок. А колку е важно ова прашање за грчката политика покажува и текст во „Катимерини“ според кој денешниот состанок е „прв тест за национално прашање“ за Владата на Андонис Самарас. Весникот потсетува дека Грција трипати до сега ја одбила препораката на Европската комисија Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата. Но, според „Катимерини“, „овој пат препораката е во поинаква форма на која работеше еврокомесарот Филе“.

„Комисијата препорачува да почнат пристапните преговори и паралелно да се преговара за изнаоѓање решение за прашањето за името, што треба да се случи во раната фаза од преговорите... За Атина, решавањето на името останува услов за согласност за европскиот пат на Македонија. Предлогот на Европската комисија за паралелни преговори нема да го реши Гордиевиот јазол. Не се создадени услови за решавање на прашањето за името затоа што двете страни остануваат цврсто на своите позиции. Нема, пред се’, доверба“, пишува „Катимерини“.

Заедничко за сите е што ја пренесуваат последната пишана изјава на портпаролот Григорис Делавекурас од саботата дека „треба да биде јасно оти Грција нема да дозволи Скопје да ги почне пристапните преговори со Унијата пред да се најде взаемно прифатливо решение за името“.