1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Молчеливите“ портпароли

Костадин Делимитов6 јуни 2013

Комуникацијата со институциите во РМ станува се` потешка за јавноста. Информациите се делат селективно, а добар дел од портпаролите комуницираат главно со „познати“ новинари. Експертите ги лоцираат причините во две сфери

https://p.dw.com/p/18ks9
Фотографија: Fotolia/Faber Visum

Јавните информации се достапни за сите, или барем треба да бидат однапред достапни за сите. Овој принцип како карактеристика за развиените демократии во добар дел од земјите, меѓу кои е и Македонија, е регулиран со закон. Меѓутоа, праксата во последно време покажува дека многу мал дел од институциите се транспарентни кога од нив ќе се побара информација за нивното работење. Комуникацијата која најчесто се одвива преку портпаролите често знае да биде еднонасочна и да зависи од тоа колкава е блискоста со новинарот. Со чест на исклучоци, портпаролите речиси и да не се појавуваат лично на прес-конференции, на кои новинарите можат директно да им постават прашања. Ваквата состојба, според експертите, е последица на повеќе фактори, но клучна е политиката на владеење на актуелната власт.

„Информациите кои се пласираат во јавноста се многу централизирани и мора да го поминат филтерот на владината служба, пред да и‘ бидат презентирани на јавноста. Оттука, гласноговорникот на владата најчесто се јавува како пренесувач на информациите и покрај тоа што, не ретко, тие се однесуваат на работата на некое конкретно министерство или институција, а не на самата Влада. Од друга страна, министрите, се појавуваат со изјави во јавноста, давајќи и‘ притоа поголема тежина на информацијата и како политички фигури, заслугите за сработеното, ги книжат на сопственото, односно на контото на партијата“, смета Славица Биљарска Мирчески, консултант за односи со јавноста.

Отвореноста на институциите кон јавноста е резултат и на нивната определба за начинот на кој ќе се врши комуникацијата, смета Гоце Пачемски, поранешен новинар и портпарол, кој стручно се занимава со оваа проблематика. Дали еднонасочен, кој главно е поттикнат од желбата за позитивна промоција во јавноста, без суштинска заинтересираност за потребите на другата страна, или комуникација која се темели на премисата дека репутацијата на институцијата во јавноста се гради врз основа на перманентна соработка со медиумите:

„Отвореноста и достапноста на институциите и луѓето во нив задолжени за комуникација со новинарите и јавноста ќе зависи пред се‘ од одлуката на самата институција и нејзиното раководство - кој од овие два начина или модела ќе биде избран, од што ќе зависи и севкупната репутација или сликата на институцијата во јавноста како отворена или затворена. Втор значаен примарен фактор кој суштински влијае врз отвореноста на институцијата кон медиумите и јавноста е поставеноста на односите со јавноста во системот за управување и донесување на одлуки во институцијата. Со други зборови, доколку човекот задолжен за односи со јавноста и медиумите тешко доаѓа до неопходните информации или тие му се недостапни затоа што нема доволни овластувања, тогаш можеби е невозможно тој да располага со вистинските одговори на прашањата на новинарите, ниту има реална можност да влијае врз одлуките на раководните луѓе во институцијата врз основа на повратните информации што ги добива од јавноста преку медиумите. Во таков случај, тој нема друг избор, освен да се крие од новинарите, за да не се доведе себеси во позиција постојано да им кажува дека нема овластувања, односно не располага со вистинските информации и одговори“, коментира Пачемски.

Alle Macht dem Volk
Карикатура на Гомаа ФарахатФотографија: Gomaa Farahat

Според Биљарска хендикеп е што и повеќето сектори за односи со јавност во министерствата функционираат недоволно екипирани:

„Најчесто, тоа се еден до двајца луѓе, кои имаат звање портпароли, а всушност нивната задача е да ги организираат настапите на министерот и да испраќаат известувања до новинарите. За жал, некои од нашите портпароли дури немаат ни блиски контакти со министрите, на дневна основа, за да се запознаат со целокупната ситуација и да можат да донесат одлука која информација кога треба да се пласира, туку добиваат само оскудни информации за темата на настанот. Така тие многу често се доведуваат во ситуација да бараат време за дополнително да го истражат прашањето, за да можат да му одговорат на новинарот“, коментира Биљарска.

Во функција на зголемување на кредибилитетот на институциите, но и подобрување на демократскиот амбиент, експертите сугерираат да се обрнува поголемо внимание на комуникациските вештини, специјализираните знаења и искуството на лицата задолжени за односи со јавноста.